Македонија е мултикултурна реткост, рече Ковачевски во УНЕСКО


 

Македонија е мултикултурна реткост и придонесува во ефикасен мултилатерализам, истакна премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање на 42-та Генерална конференција на УНЕСКО во Париз.

Ковачевски е прв премиер од Македонија што се обрати во УНЕСКО. Тој посочи дека овие два исклучителни важни моменти за нашата современа историја го обврзуваат ова прво премиерско обраќање да го направи на мајчиниот македонски јазик.

„Со тоа, сакам да му се заблагодарам на УНЕСКО за поддршката на многубројни проекти, активности и ресурси важни за нашето мултикултурно општество, за нашето природно и културно наследство, за македонскиот јазик и за другите јазици кои што се зборуваат во Северна Македонија. Затоа што мојата земја е ‘срцето на балканскиот јазичен контакт’, како што забележа светски познатиот лингвист, проф. Виктор Фридман“, посочи Ковачевски.  

Воедно, како што истакна, нашата соработка со УНЕСКО датира од 1979-та и 1980-та година, кога нашиот бисер Охридскиот регион, влезе под закрилата на УНЕСКО. И, денес, додаде тој, со гордост е вброен меѓу вкупно 39-те културни и природни наследства во светот.

„Ова за нас значи континуитет, богатство, но и обврска да го чуваме. Ниту еден друг интерес не смее да е поголем од заложбата да се сочува и заштити ова, и наше, и светско, природно и културно добро. Тоа им го должиме на предците и на идните генерации“, нагласи премиерот.

Тој посочи дека Охридскиот регион е магичен сплет на природа, историја, религија, уметност и писменост. Во него ќе најдете преку 2500 квадратни метри фрески на византиската уметност во која учествувале и локални македонски мајстори; над 800 скапоцени икони создавани меѓу 11-от и 14-от век; антички мозаици, османлиски џамии; колекции на старословенски, византиски и османлиски ракописи… И сето тоа расположено околу едно од најстарите и најубави езера во Европа, кое во себе крие голем број ендемски и ретки слатководни видови флора и фауна.

Оттука, како што истакна Ковачевски наш императив е да го одржиме интегритетот и автентичноста на Охридскиот регион, во соработка со Центарот за светско наследство на УНЕСКО. И, заедно со Република Албанија да бидеме пример за добрососедска соработка и во заштитата на ова, и заедничко, и универзално добро.

Тој изрази благодарност до УНЕСКО за посветеноста во создавањето услови за дијалог меѓу цивилизациите, културите и луѓето засновани врз респект кон споделените вредности, кои сега се особено важни кога беснее војна во Европа и на Блискиот Исток, и кога флагрантно се прекршени нормите и правилата на меѓународниот поредок.

„И затоа, демократиите мора да ја зајакнат својата сплотеност и отпорност, независно од географските, демографските, политичките, економските или културолошките разлики меѓу државите. Во интерес на мирот и стабилноста, неопходно е да се најде најмал заеднички именител. Тоа е единствено можно преку инструментите на ефективниот мултилатеризам“, додаде Ковачевски.

Според него, мултилатерализмот им овозможува на малите земји да покажат големи успеси, а на големите да ја докажат својата големина. „Но, не, со аргументите на силата, туку со силата на аргументите и со можноста да се издигнат над тесните национални или геополитички интереси, и да ја предводат заедничката акција во интерес на сите“, додаде тој.