Македонија е мала земја со големи климатски амбиции, рече Пендаровски на Самитот за климата


 

Македонија, сместена во еден од најранливите климатски региони во светот, Медитеранот, е мала земја со големи климатски амбиции и нашата цел е да ги намалиме за 82% нето емисиите на стакленички гасови до 2030 година во споредба со нивоата од 1990 година, рече претседателот Стево Пендаровски за време на неговото обраќање на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени – COP28 која се одржува во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати.

Во обраќањето Пендаровски рече: „Дилемата е како постепено да се исфрли јагленот без да се загрози енергетската безбедност на земјата и егзистенцијата на заедниците. И покрај енергетската криза, решени сме да ја постигнеме оваа цел до крајот на деценијата. Северна Македонија беше првата европска пилот земја избрана за програмата за забрзана транзиција на јаглен од страна на Фондот за климатски инвестиции.

Овде, на COP28, заедно со ЕБОР ќе ја лансираме Инвестициската платформа за правична енергетска транзиција, која ќе ни помогне да ги мобилизираме потребните средства за да се префрлиме на обновливи извори, да ги забрзаме инвестициите во мрежата и да создадеме висококвалитетни зелени работни места за рударските заедници. Оттука, сакаме да ги поканиме потенцијалните партнери и донатори да се приклучат на оваа платформа и да докажеме дека правичната енергетска транзиција не само што е неопходна, туку е и можна и достапна. Со тоа, ние ќе се усогласиме со Глобалната заложба за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност на ЕУ“.