Македонија е центар на светот, рече синоќа маестро Симон Трпчески на концертот во Скопје


Фото: Ј. Лесански

Маестро Симон Трпчески, кој на секој концерт потенцира дека е горд Македонец, а Македонија центар на светот, синоќа, и на вториот од двата концерти со кои ја промовира оркестарската верзија на проектот „Македонисимо“, доживеа овации во преполната сала на Филхармонија. Омилен на македонската публика, поради виртуозноста и патриотизмот, синоќа, со својот квинтет и со оркестарот „Ајга“ ја разнежи скопската публика и уважените гости кои ги спомнуваше во текот на концертот. Трпчески, видно расположен, (запеа и делови од неколку македонски народни песни) што свири пак дома, по успешните настапи низ цел свет, за секој музичар имаше пофални зборови, особено за  македонскиот композитор Панде Шахов, кој живее и работи подолго време во Англија, со кој го создадоа овој проект и диригентката Ана Спасовска. 

Фото: Ј. Лесански

“Отсекогаш верував дека потенцијалот што нашата народна музика го има доколку се преточи во еден поинаков музички јазик, да речам првенствено којшто доаѓа од класичниот музички свет може да се носи, рамо до рамо, и со самата класична музика на која што јас сум претставник. Не е лесно да сте класичар, а да свирите народна музика, потенцираше синоќа Трпчески кој рече дека во Скопје свират како на  светската премиера на оваа верзија на проектот, која се одржа во престижната сала „Музикферајн“ во Виена пред една година.

Во официјалниот и делот за бис како што беше замислен концертот, беа отсвирени сплет композиции, меѓу нив,  од македонските ора ‘Беровка’, ‘Малешевка’ и ‘Црногорка’  како и сплет од македонски народни песни, како „Марика мома убава“ која му ја посвети на композиторот од кој многу научил, Томислав Зографски. Неколкупати повторувајќи дека треба да се потсетуваме кои сме и од каде сме, славниот пијанист го цитираше и драмскиот писател Горан Стефановски.

Фото: Ј. Лесански

Албумот Македонисимо што во издание на британската етикета „Лин Рекордс“ го обиколи светот  и доби врвни оценки од критиката  е проект во чии рамки на оригинален начин се обработува македонската народна музика од страна на Панде Шахов, кој, како што вели Трпчески, „со својот посебен музички јазик ја обои на многу поинаков начин, испреплетувајќи со нашата традиционална музика различни музички стилови“.

Квинтетот со кој настапи на двата концерти во Скопје беше  во состав: Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал, Александар Димитров на виолончело, Влатко Нушев на удиралки и в,иолинистот Александар Краповски кој работи во Барселона, а специјални гости беа Владимир Крстев на виолина, Александар Димитров од Бугарија на виолончело и Паскал Краповски на виолончело. Организатор на концертот беше Камерниот оркестар „Ајга“, во соработка со „КултурОп“. (Л.С.)