Македонија досега дала помош од 60 милиони евра за Украина


Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на пленарната сесија на самитот Украина – Југоисточна Европа кој се одржува во Тирана. Претседателот Пендаровски во своето обраќање нотираше дека неодамнешната одлука на Советот на ЕУ да обезбеди помош од 50 милијарди евра, како и изгледите дека американскиот Конгрес ќе издвои околу 90 милијарди долари, се активности во вистинска насока. Тој истакна дека Северна Македонија беше меѓу првите земји којашто и пружи воена, техничка и хуманитарна помош на Украина и посочи дека досега имаме испорачано 12 пакети помош, со вкупна вредност од 60 милиони евра.

Претседателот Пендаровски нагласи дека заедно со нашите НАТО сојузници и со истомислениците ќе продолжиме да се спротивставуваме на нападот врз независноста на Украина, барајќи одговорност за сите извршени злосторства со цел да се обезбеди правда за жртвите и нивните семејства.

„Денес од Тирана, мора да ветиме дека и натаму ќе ја пружаме нашата непоколеблива поддршка, се додека не се постигне мировен договор, кој ќе ги одрази аспирациите на украинскиот народ“, порача претседателот Пендаровски.

Според него, веќе една деценија, херојскиот украински народ е доказ за огромна жртва, издржливост и непоколеблива верба во победата на доброто над злото.

„Мора да разбереме дека, всушност, борбата за слобода на Украина се води во име на целиот демократски и цивилизиран свет. Во овој критичен момент, влогот за сите нас е огромен и ги надминува географските граници, одекнувајќи секаде каде што постојат мирни демократски општества.Успехот на украинските вооружени сили не зависи само од нивната решителност и храброст да се спротивстават на агресорот, туку и од многу потребната финансиска, логистичка и воена поддршка што ја даваат пријателските народи“, порача Пендаровски.

Тој исто така порача дека наспроти загриженоста за исходот од изборите во САД и ЕУ, како и можните последици од настаните во Украина, треба да ни биде јасно дека ниту една одлука спротивна на волјата на украинскиот народ, нема да ги постави темелите за мир.

„Ваквите дејствија само би служеле за озаконување на насилството и свирепите дејствија извршени во претходните години. Анексијата на Крим пред една деценија треба да послужи за сите нас како суров потсетник: олеснувањето не успеа да го запре конфликтот – наместо тоа, ја охрабри Русија да ги повтори своите агресивни модели на дејствување во источна Украина“, рече претседателот.