Македонија брка поволен резултат кај Израел за опстанок во квалификациите, Ангеловски има неколку дилеми


Македонската фудбалска репрезентација вечерва од 20:45 часот во Бер Шева против Израел го игра петтиот натпревар во квалификациите за ЕП 2020.

Избраниците на Игор Ангеловски ќе се обидат да го поправат впечатокот по поразите од Полска и Австрија во Скопје, но и да ги задржат шансите за освојување на второто место во групата кое гарантира пласман на Европското првенство.

Традицијата е на страната на Израел, нашата репрезентација има претрпено четири порази во меѓусебните пресметки, но сепак, последниот натпревар ни припадна нам кој го одигравме на гостински терен, со оглед на тоа дека пред две години во Тел Авив славевме со 1:0 со голот на Горан Пандев. Нашата репрезентација од тогаш нема претрпено многу промени во составот, но затоа Израел има многу нови фудбалери во тимот и нов селектор кој успеа да направи совршен баланс, а тоа се гледа и по нивните игри и резултати на теренот, поради што ќе ни биде многу тешко да дојдеме до поволен резултат.

Сепак, нашите фудбалери се убедени дека ќе се покажат во вистинско светло, поразот од Австрија го посочуваат како лекција за во иднина, а мечот со Полска како „шаблон“ како треба да се игра за да се дојде до поволен резултат, иако и тој натпревар го загубивме во Скопје со 0:1, но со играта заслуживме барем реми. Избраниците на Ангеловски ќе мораат многу да се трудат и да трчаат на стадионот „Јаков Тарнер“ во Бер Шева, а останатото веројатно ќе си дојде само по себе.

Израелците ќе имаат голема поддршка и на трибините и се најавуваат полни трибини, но селекторот и играчите сакаат тие да се прашуваат на теренот и да го постават својот стил на игра и да го диктираат темпото, а со победа во Израел ќе се крене и самодовербата пред гостувањето во Рига кај Летонија на 9. септември.

Кога станува збор за составот, селекторот Ангеловски повторно не може да смета на комплетниот состав, со оглед на тоа дека Стефан Ристовски е повреден и го пропушта овој двомеч, но најголемиот проблем претставува повредата на Горан Пандев кој ќе биде неизвесен за игра до пред самиот почеток на натпреварот. Неизвесен беше и Аријан Адеми, но капитенот на Динамо Загреб тренирал под полн интензитет на последниот тренинг пред натпреварот и најверојатно вечерва ќе биде стартер.

Доколку Пандев и Адеми сепак не бидат подготвени, нивни алтернативи ќе бидат Иван Тричковски, кој игра во неверојатна форма во АЕК Ларнака, односно Бобан Николов од МОЛ Фехервар.

Остатокот од тимот треба да биде составен од Столе Димитриевски на голот, потоа Кире Ристевски, Висар Муслиу и Дарко Велковски како тројца стопери, на крилните бековски позиции ќе се најдат Езџан Алиоски, односно принудната замена за Ристовски Егзон Бејтулаи. Во средниот ред ќе се најдат Енис Барди и Елиф Елмас, а во нападот е сигурен новиот напаѓач на Удинезе Илија Несторовски.