Македонија 2025 објави повик за обука на наставници за ефективна настава по природни науки


 

Македонија2025 објавува единствена можност за обука на 20-25 наставници по природни науки во основните училишта во Македонија. Обуката се реализира како дел од соработката на Македонија2025 со компанијата „Џонсон Мети“, во рамки на програмата за влијание на заедницата „Науката и јас“.

Целта на проектот е да ги обучи наставниците по природни науки во руралните/урбаните основни училишта во Северна Македонија со вештини и техники за промовирање на интересот и амбицијата на учениците да ја сакаат науката и да ги изберат нивните идни кариери во науката. Во рамки на обуката, наставниците ќе добијат идеи и инструкции за тоа како да ја унапредат наставата со цел да го зголемат интересот и знаењето на младите во обалста на науката. Наставниците, заедно со своите ученици, ќе имаат и единствена можност да изработат и презентираат експерименти поврзани со науката на посебно организирани саеми за наука.

Силно веруваме дека преку наше заедничко вклучување и подобрување на капацитетите на наставниците ќе влијаеме на образованието на нашите деца. Токму затоа, оваа обука е достапна за наставници почетници кои реализираат настава по предметот Природни науки во 6. одделение. Оваа работилница ќе се фокусира на обучување со ефективни методи на настава по природни науки, вклучувајќи учење базирано на истражување, практични експерименти и учење базирано на проекти, сите усогласени со националните и меѓународните стандарди. Обуката ќе се реализира во соработка со Бирото за развој на образование, соопштија од Македонија2025.