Македонците во Малта без пасоши, не можат ни да дојдат ни да останат таму


Valletta, Malta: skyline from Marsans Harbour at sunset. The cathedral

Македонци што живеат и работат во Малта испратиле деновиве писмо до македонските институции во кое бараат помош да можат да останат во таа земја, бидејќи пасошите им истекуваат, а нови не можат да извадат.

Проблемот е што, ако излезат од Малта не ќе можат да се вратат до идната 2021  година, бидејќи така решила тамошната влада поради корона кризата, а не можат ни да ги продолжат работните дозволи со пасоши што истекле или истекуваат, бидејќи  амбасадата во Рим, исто така поради пандемијата, прекинала со издавање патни исправи. Тие бараат од нашата влада со писмо да ја извести владата во Малта дека патните исправи ќе им бидат продолжени кога ќе се создадат услови за тоа, за да можат да ги обноват работните дозволи на островот.

Во ваква ситуација по сѐ изгледа се наоѓаат и други граѓани во други земји од светот кои го забранија влезот за нашите државјани поради епидемијата, па тие или не ќе можат да излезат, или не ќе можат да се вратат или ќе мора да престојуваат во карантин ако дојдат по патни исправи во Македонија.

Годинава истекуваат најголемиот број  патни исправи бидејќи за првпат беа воведени биометриските во 2010 година и масовно беа обновени од граѓаните. Најблиска амбасада за Македонците од Малта да аплицираат за продолжување на патните исправи е во Рим, но од таму им најавиле дека можат само да се стават на листа на чекање и дека дури од септември ќе им обезбедат мобилен тим.