Македонците отсега ќе плаќаат по 300 долари за виза за да одат на Бали

Владата на Индонезија од неодамна ги смени правилата и Македонија ја стави на листата на земји кои плаќаат скапи визи


 

Една од омилените дестинации за патување, Бали на Индонезија, од неодамна стана тешко достапна за Македонците. Граѓани што договарале патување на овој рајски остров откажуваат аранжмани  бидејќи владата на Индонезија ја ставила Македонија на листата на држави за кои е потребна многу поскапа виза од вообичаената, што до неодамна ја добиваа на влегување во таа земја, а што сѐ уште ја добиваат граѓаните на земјите членки на ЕУ, па и на цела Европа. Освен Македонија од овој список се исклучени и Црна Гора, Косово и Молдавија. 

Иако цената на визата сега е околу 100 долари, поради немањето амбасада во земјата (за нас е одговорна индонезиската амбасада во Будимпешта) и поради немањето воопшто конзуларни услуги во неа, виза може да се извади само онлајн, а цените за неа со пропратните трошоци за банкарски трансфери, провизии и задолжителни документи стигнува до 295 долари со стандардно чекање, па до 400 долари ако рокот за нејзино издавање е пократок, до една недела. 

Ваквата информација ја потврдија и од туристичките агенции во земјата кои имаат индивидуални аранжмани за Бали. И покрај нашето барање до индонезиската амбасада да објасни од кога важи овој тип виза за македонските граѓани (B211A со престој до 60 дена за туристи и бизнисмени, па и за хуманитарни потреби) и на што се должи промената на визниот статус за нашата држава, одговор не стигна. 

Забележливо е притоа дека граѓаните на Србија и на Албанија се приклучени на листата на европски земји, главно од ЕУ, на кои им е дозволено да добијат виза при влез во Индонезија за 30 евра, а привилегирана во тој однос е дури и Белорусија, која инаку е на црна листа на многу држави во светот. Виза на влез можат да добијат и државјаните на Палестина, БиХ и на Русија, за чии граѓани се затворени многу граници и аеродроми.

Иако Бали се третира како ексклузивна дестинација кај нас, Индонезија сепак важи за евтина земја поради што овие патувања беа на листата на далечни дестинации  што редовно се организираа. На Бали е отворен и македонски ресторан, но новиот визен режим драстично ги поскапува патувањата во таа земја.   (Н.В.)