Македонци живеат во над 170 земји во целиот свет, голем број на егзотични острови


Македонците се почесто се иселуваат во островски држави место во традиционалните европски гастрбајтерски дестинации. Некои како живеалиште ги избрале и најатрактивните, како Малдивите, Самоа, Маврициус, Доминиканска Република…  Не им пречи ни студенилото, па така се попишале и од Антарктикот, а најчудно од сѐ е дека дури 14 наши државјани престојуваат во оазата на Ким Џонг Ун, диктаторската и изолирана Северна Кореја. Речиси во секоја земја во Африка, исто така има Македонец, односно повеќе од 200 луѓе од нашата земја живеат на црниот континент. Најмногу ги има во Мали – 43, потоа во Египет – 23, Гана – 16, Судан – 15, но по некој има и во Мавританија -1, Либиска Арапска Џамахирија – 2, Јужен Судан – 3, Уганда – 1, Сомалија – 1, Танзанија – 6, Нигер – 2, Нигерија – 1, Боцвана – 1… 

Ова се најкуриозитетните податоци од пописот на населението што ги објави Државниот завод за статистика деновиве. Според нив, на пописот што успеа да се спроведе по 20 години се покажа дека во дијаспората имаме повеќе од 204.805 луѓе.

Тие граѓани, кои за време на пописот не живееја на територијата на Македонија, можеа да се попишат електронски, од местото каде што се иселени.

Очекувано, најмногу иселеници имаме во Швајцарија, 65.064, следува Германија со 46.590, потоа Италија со 28.476, а многу иселеници има и во Австрија, каде се попишале 11.758. По неколку илјади иселеници има во европските земји, како Белгија, Данска, Шведска, Франција, Норвешка, Велика Британија.

Од соседните земји, најмногу иселеници има во Косово 1.378, потоа во Србија, 934, Бугарија 581, Албанија 440 и Грција 224. Наспроти перцепцијата, бројот на тие што имаат македонско државјанство и што учествувале во пописот од Австралија е мал –  3.171. На американскиот континент има 9.120 иселеници во САД и 1.879 во Канада.

 

 

Дека Македонците се љубители на плажи се виде и од списокот на попишани иселеници на повеќе острови во светот.  Така, на Сент Мартин има шестмина, на Сент Лучија – двајца, од Тувалу се попишале четворица, на Северни Маријански Острови имаме дури 15 луѓе, на Сејшелите тројца, во Микорнезија еден, на Бермуди тројца, еден на Аруба, во Доминиканската Република двајца, на Девствените острови петмина, на Јамајка – 3, на Маврициус четворица, на Малдивите двајца, еден на Кајманските острови, еден на Куковите острови, еден на Бахамите, пет на Макао, а дури 54 на американска Самоа.

На листата има и острови за кои малку се знае во Македонија, како Аландските острови крај Финска, каде се попишале двајца Македонци, Бонер и Сент Еустатитиус (холандски остров во Карипското Море), француските острови Волис и Фотуна во Јужниот Пацифик (кај Полинезија), Ниуе кај Нов Зеланд, островот Ман меѓу Ирска и Велика Британија, Свалбард и Јан Мајен, остров до Арктикот и над Норвешка…

Вкупно, според пописот, Македонци има во околу 170 земји во целиот свет, барем од тие што се попишале, а 16 во моментов живеат во Палестина.

На Антарктикот пак се попишале дури тројца, кои веројатно работат на платформите за нафта.