Мајсторовиќ: Барањата на Бугарија не можат да донесат ништо добро


Мора да останеме оптимисти до последен миг и да се надеваме дека бугарската Влада сепак ќе сфати дека е во интерес токму на Бугарија и на самата Европска Унија, преговорите со Македонија и Албанија да почнат оваа година, како што беше тоа и планирано, изјави српскиот аналитичар Срѓан Мајсторовиќ во емисијата „Еурофокус“ на телевизија Телма.

Изрази жалење што сме сведоци дека во процесот на проширување на Европската Унија, одредени држави сакаат на некој начин да остварат некакви свои билатерални, национални интереси и на тој начин да влијаат на динамиката на процесот на пристапување на одредени држави на ЕУ.

-Повторно, за жал, Македонија тоа многу драстично го доживеа во своето блиско минато и кога сите мислевме дека со решавањето на прашањето со Грција, конечно ќе и биде отворен патот на Македонија, да почне со пристапните преговори, Бугарија сосема неочекувано и по потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедски односи, излезе со одредени барања, кои навистина во овој миг, не можат да донесат ништо добро. Затоа што од една влада на Македонија, која е многу кооперативна и подготвена да излезе во пресрет на своите соседи со конструктивни предлози, практично сега е притеснета во одредена крајност, оценува Мајсторовиќ.

Изрази загриженост дека Бугарија не е единствена во овој процес, туку само е држава што многу јасно и гласно ги изрази своите резерви и постави одредени услови. -Но јас се плашам дека ситуацијата во Европската Унија е таква што многу повеќе држави членки, за жал, седат многу комотни зад бугарското барање, рече Мајсторовиќ.

Според него, постојат држави што во овој миг не се подготвени поактивно да се ангажираат во процесот на проширување на Европската Унија, затоа што сметаат дека ЕУ има свои проблеми.

-Тие се под притисокот на сопственото јавно мислење, кое пак под влијание на бројни популистички движења и политички партии, смета дека понатамошното ширење на ЕУ практично ќе доведе до осиромашување на нивните држави и до нови мигрантски бранови. Тоа секако е многу затегната теорија и многу повеќе наликува на теорија на заговор отколку што има темел на реалноста, вели српскиот аналитичар.

Мајсторовиќ е претседател на Центарот на европски политики на Србија и е одличен познавач на приликите во регионот и експерт за европски интеграции.