„Мајски оперски вечери“ почнуваат со оперите „Сестра Анџелика“ и „Џани Скики“ од Џакомо Пучини
Со премиери на две оперски претстави од Џакомо Пучини – „Сестра Анџелика“ и „Џани Скики“, вечер во Националната опера и балет ќе бидат отворени 54. „Мајски оперски вечери“. Првпат две претстави ќе бидат изведени на почетокот на фестивалот. Официјално ќе биде отворен со палење на фестивалскиот оган од сопранистката со меѓународна кариера Ана Дурловски, која вечер ќе настапи во втората опера на Пучини.
Годинава МОВ е во знакот на дела од Џакомо Пучини и од Џузепе Верди. Покрај вечерашните опери, на програмата се уште две дела од Пучини: „Тоска“ (16 мај) и „Мадам Батерфлај“ (20 мај). Вердиеви опери годинава на МОВ се „Риголето“ (13 мај), „Травијата“ (27 мај) и „Набуко“ – со која на 31 мај ќе биде затворен фестивалот. На програмата е и балетот „Лебедово езеро“ од Петар Илич Чајовски, кој ќе биде изведен на 22 мај.
Во двете опери за отворањето на МОВ гостуваат уметници од Италија. Пјер Франческо Маестрини е режисер и Џанлука Мартиненги – диригент на двете претстави. Во операта „Сестра Анџелика“ насловната улога ја игра Валентина Бои, исто така од Италија. Во екипата се домашни солисти, хорот и оркестарот на НОБ. Дејството се одвива во осамен манастир во Италија, кон крајот на 17 век, каде што калуѓерката Анџелика седум години тивко страда за искупување на сторениот грев.
Италијанскиот оперски пејач Роберто Де Кандија, пак, ќе го игра насловниот лик во операта „Џани Скики“, настапувајќи заедно со екипата од НОБ и оркестарот. Инспирацијата за ова оперско дело е од епизода од „Пеколот“ на Данте Алигиери. Приказната е сместена во Фиренца, во 1299 година, во екот на културната експанзија која градот ќе го направи најбогат во Европа и на светот ќе му ги донесе хуманизмот и ренесансата.

Во пресрет на отворањето на „Мајските оперски вечери“, директорот на Националната опера и балет, Оливер Арсовски, на прес-конференција истакна дека за нив тој не е само уште една сезона и програма со претстави, туку е момент кога Националната опера и балет го покажува својот капацитет, својата визија и одговорност кон културата и публиката.
-Оваа година подготвивме репертоар што внимателно ја спојува традицијата со новата енергија. Секоја од претставите на програмата носи различна емоција и заедно создаваат едно целосно искуство што посакуваме публиката да го памети. „Мајките оперски вечери“ се и огледало на институцијата, кое покажува колку сме подготвени да работиме посветено, да поставуваме стандарди и да создаваме продукција што може достоинствено да стои рамо до рамо со европските сцени, истакна Арсовски.