Мајорка се соочува со голем проблем: Туристите доаѓаат за прекумерно да пијат


Мајорка повторно е „освоена“ од забавни туристи, пишува Дојче веле и додава дека островот е измачуван од луѓе кои доаѓаат да консумираат прекумерно алкохол.

Како што се наведува, гостите се особено активни во областа Плаја де Палма. Мигел Кањељас, претседател на Здружението на жителите на населбата Лас Маравиљас, која ја опфаќа  најважната туристичка зона во Мајорка, е загрижен за развојот на ситуацијата во Плаја де Палма.

„Ситуацијата е полоша од претходните години. Се разбира, овде живееме од туризам, но сепак треба да можеме да живееме во мир, а тоа одамна не е така. Многу луѓе што живеат тука навечер се плашат  да го напуштаат домот“, рече тој.

Озлогласената „забава-зона“, која се наоѓа на неколку километри од главниот град на островот, повторно е цврсто во рацете на посетителите на забавата. Како и обично, со првите денови од летото, тука доаѓаат германски фудбалски тимови од аматерски лиги, групи жени кои бараат забава и љубители на алкохол. Но,  во овој период од годината Плаја де Палма е дестинација број еден за десетици илјади шпански матуранти кои сакаат на соодветен начин да го прослават крајот на школувањето, а на шеталиштето покрај плажата долга повеќе од пет километри ги чекаат бројни барови и диско-клубови.

Здружението на хотелиери во Плаја де Палма, кое моментално ги застапува интересите на 114 хотели, инсистира на тоа дека секој може да се забавува, но дека не мора да претерува. Тоа здружение ја рекламира Плаја де Палма исклучиво како дестинација за семејни одмори, како место каде што можете да правите разни работи за време на вашиот одмор.

Како што пишува ДВ, во овој период од годината забавата на плажа е во полн ек веќе околу пладне, среде бел ден, пијани гости се сопнуваат на плажа, мирисаат на урина, истурено пиво, крема за сончање, масло за пржење помфрит. 

Туристите купуваат алкохол во бројни супермаркети во непосредна близина. Со оглед на ваквата состојба, хотелиери, ресторани и сопственици на дискотеки од оваа населба излегоа со заедничко соопштение во кое наведуваат дека недоволната контрола на консумирањето алкохол во јавноста и немањето ефективни регулативи за казнување на ваквото однесување ја загрозуваат сегашноста и иднината на овој туристичка област.

Тие ги повикаа надлежните институции да преземат „енергични и ефикасни мерки за справување со оваа неподнослива состојба“ и додадоа дека е неопходно да се воспостават јасни прописи и да почнат да се применуваат ригорозни санкции, но и да се зајакне полицискиот надзор.

Се додава дека проблемот е што шпанското законодавство не дозволува странците да бидат обврзани да платат парична казна изречена врз основа на општинските прописи на лице место, поради што полицијата може само да ги предупреди оние кои се однесуваат несоодветно.