„Мајкрософт“ од септември го презема „ТикТок“ во Америка?
„Мајкрософт“ во неделата потврди дека води разговори со кинеската технолошка компанија „ByteDance“ за преземање на апликацијата „ТикТок“ во САД.
„Мајкрософт“ соопшти дека ќе продолжи да соработува со американската влада за договорот и дека има намера да ги заврши разговорите до 15 септември.
Доколку се реализира договорот, „Мајкрософт“ би можел да ја реши и контроверзата во Вашингтон и да стекне моќ во потрошувачката технологија.
Изјавата доаѓа два дена откако медиумите објавија дека „Мајкрософт“ е заинтересиран да ја купи апликацијата, која е во сопственост на кинеската компанија „ByteDance“, пренесуваат интернет порталите.
Непосредно по објавувањето на извештаите, претседателот Доналд Трамп изјави дека е против идејата „Мајкрософт“ да го купи „ТикТок“ и ќе ја забрани апликацијата во САД.
Двете компании ја разгледуваа можноста „Мајкрософт“ да го купи „ТикТок“ во САД, Канада, Австралија и Нов Зеланд, а „Мајкрософт“ би можел да им понуди на други американски инвеститори да се приклучат на аквизицијата, соопшти „Мајкрософт“.
Тие додадоа дека извршниот директор Сатија Надела разговарал со Трамп. Компанијата не ги откри условите на договорот.
„Оваа нова структура ќе се заснова на искуството што го уживаат корисниците на „ТикТок“, истовремено додавајќи заштита од светска класа, приватност и дигитална безбедност“, велат од „Мајкрософт“.
Тие додадоа дека ќе биде изграден модел на оперативна услуга за да се обезбеди транспарентност за корисниците, како и соодветен безбедносен надзор од страна на владите во тие земји.
Трамп се согласи да му даде на ByteDance 45 дена за да преговара за деталите за договорот со „Мајкрософт“ околу „ТикТок“, објави во неделата Ројтерс, повикувајќи се на неименувани извори.
„Мајкрософт“ соопшти дека ќе осигура податоците за корисниците на „ТикТок“ во САД да се наоѓаат во земјата и дека податоците што се зачувани на друго место се бришат откако ќе бидат преместени. Портпаролот на „ТикТок“ во неделата изјави за „Си-Ен-Би-Си“ (CNBC) дека податоците за корисниците на „ТикТок“ во САД се чуваат во САД. Американските власти претходно го обвинија „ТикТок“ дека испраќа податоци до кинеската влада.
Стекнувањето на дел од „ТикТок“ може да го комплицира односот на „Мајкрософт“ со „Фејсбук“, кој го смета ByteDance за конкурент.
„Мајкрософт“ инвестираше 240 милиони долари во „Фејсбук“ во 2007 година и од тогаш двете компании работеа заедно на разни иницијативи. Во јуни, кога „Мајкрософт“ објави дека ќе ја затвори услугата за стриминг на видео игри „Миксер“, ги охрабри корисниците да се префрлат на конкурентскиот производ на „Фејсбук“.