„Мајкрософт“ ја прекина соработката со фирмата поврзана со синот на Додик

Оваа одлука е нов чекор во заострувањето на санкциите против лидерот на босанските Срби Милорад Додик


Милорад Додик

 

Американскиот технолошки џин „Мајкрософт“ ја прекина соработката со компанијата „Проинтер“ од Бања Лука, поврзана со Игор Додик, синот на српскиот член на Претседателството на БиХ Милорад Додик, што е нов чекор во заострувањето на режимот на санкции, пишуваат локалните медиуми во БиХ.

„Мајкрософт“ го раскина партнерството со „Проинтер“, се вели во соопштението на регионалната канцеларија на американската компанија, што го објави порталот „Дневни аваз“.

„Проинтер“ е член на „Инфинити интернешенел груп“ и редовно добива милионски зделки за инсталирање и одржувањето на ИТ опрема во јавниот сектор, не само во Република Српска, туку и во други делови на БиХ. Неговото отстранување од листата на партнери на „Мајкрософт“ значи дека „Проинтер“ повеќе не може да ги користи и продава нивните производи и програми.

 Медиумите во БиХ со години предупредуваат дека „Проинтер“, поради неговите врски со Игор Додик, има привилегија да добива деловни зделки на јавни тендери и сугерираат дека е клучна политичката улога и моќ концентрирана во рацете на неговиот татко.

Американските санкции на Додик беа воведени во 2017 година, а на почетокот на оваа година беа заслени, а беше санкциониран и неговиот правен советник Милан Тегелтија, како и Алтернативната телевизија (AТВ) од Бања Лука, означена како компанија исто така поврзана со корупција.

Синот на Додик, Игор, беше под лупа на медиумите и претходно кога се покажа дека тој добива повластени заеми од Инвестициската и развојна банка на РС, во сопственост на владата на ентитетот. Таа банка одобрила милион и пол евра за работата на фирмата „ФрутЕко“, регистрирана за одгледување и преработка на овошје и зеленчук.

Неговите врски со „Проинтер“ не се разјаснети точно, но самиот Милорад Додик претходно тврдеше дека неговиот син е „стручен консултант“ во компанијата.

Игор Додик и неговата сестра Горица, која води ресторан во Бања Лука, се исто така косопственици на „Глобал либерти“, регистрирана за трговија со дрва и градежни материјали. Самиот Милорад Додик пријавил имот во вредност од 1,2 милиони евра во неговиот имотен лист. Европскиот парламент во четвртокот го повика Европскиот совет да го следи примерот на САД и да воведе санкции против Додик поради неговото однесување и загрозување на мирот и стабилноста на БиХ.

Состојбата во БиХ ќе се најде на дневен ред на седницата на Европскиот совет закажана за 21 февруари.