„Мајкрософт“ чекор до најголемата аквизиција во сегментот на видео игрите


Окружниот суд во Калифорнија денеска го отфрли обидот на Федералната трговска комисија (FTC) да го одложи купувањето на „Активижн близард“ (Activision Blizzard) од „Мајкрософт“ (Microsoft) за 70 милијарди долари.

Одлуката ја постави основата за спојување меѓу „Мајкрософт“ и производителот на видео игри, пишува Њујорк Тајмс.

Во одлуката на 53 страници, судијата Жаклин Скот Корли рече дека ФТЦ не успеа да докаже дека спојувањето ќе ја намали конкуренцијата што ќе им наштети на потрошувачите.

Пресудата е значаен удар за ФТЦ, која се обиде поагресивно да го контролира спојувањето на големите компании, наведува американскиот весник.

Напорите на Комисијата се предводени од претседателката на ФТЦ, Лина Кан, која тврди дека огромното влијание на технолошките гиганти врз трговијата и комуникацијата довело до антиконкурентно однесување.