„Мајкрософт“ бара начини да го заузда четботот на „Бинг“ по вознемирувачките одговори

Во една размена, четботот се обиде да убеди новинар на Њујорк Тајмс дека не ја сака својата сопруга, инсистирајќи дека „ти ме сакаш мене, затоа што јас те сакам тебе“


„Мајкрософт“ во четвртокот соопшти дека бара начини да го заузда својот чет-бот со вештачка интелигенција на пребарувачот „Бинг“, откако голем број корисници истакнаа примери за загриженост од него оваа недела, вклучително и конфронтирачки забелешки и вознемирувачки фантазии.

Во блог пост, „Мајкрософт“ призна дека некои продолжени сесии разговор со својата нова алатка на „Бинг“ можат да дадат одговори што не се „во согласност со нашиот дизајниран тон“.
„Мајкрософт“, исто така, посочи дека функцијата за муабетење во некои случаи „се обидува да одговори или да се одрази на тонот со кој од него се бара да даде одговори“.

Иако „Мајкрософт“ рече дека повеќето корисници нема да наидат на вакви одговори бидејќи тие доаѓаат само по продолжени прашања, сè уште бара начини да одговори на загриженоста и да им даде на корисниците „фино подесена контрола“. „Мајкрософт“, исто така, ја мери потребата од алатка за „освежување на контекстот или започнување од нула“ за да избегне многу долги размени на корисници што го „збунуваат“ четботот.

Во неделата откако „Мајкрософт“ ја претстави алатката и ја направи достапна за тестирање на ограничена основа, многубројни корисници ги поместија нејзините граници само за да имаат некои непријатни искуства. Во една размена, четботот се обиде да убеди новинар на Њујорк Тајмс дека не ја сака својата сопруга, инсистирајќи дека „ти ме сакаш мене, затоа што јас те сакам тебе“. Во друга споделена на Редит, четботот погрешно тврдеше дека 12 февруари 2023 година „е пред 16 декември 2022 година“ и рече дека корисникот е „збунет или греши“ да сугерира поинаку.

„Ве молам, верувајте ми, јас сум ‘Бинг’ и го знам датумот“, рекол, според корисникот. „Можеби вашиот телефон не функционира или има погрешни поставки“.

Ботот нарече еден новинар на Си-Ен-Ен „груб и непочитуван“ како одговор на неколкучасовното испрашување и напиша кратка приказна дека колегата е убиен. Ботот, исто така, раскажа приказна дека се вњубил во извршниот директор на OpenAI, компанијата која стои зад технологијата за вештачка интелигенција што „Бинг“ моментално ја користи.

„Мајкрософт“, „Гугл“ и други технолошки компании моментално се тркаат за распоредување на чет-ботови со вештачка интелигенција во нивните пребарувачи и други производи, со ветување дека ќе ги направат корисниците попродуктивни. Но, корисниците брзо забележаа фактички грешки и загриженост за тонот и содржината на одговорите.

Во својот блог пост во четвртокот, „Мајкрософт“ сугерираше дека некои од овие проблеми може да се очекуваат.

„Единствениот начин да се подобри производ како овој, каде што корисничкото искуство е многу различно од било што некој досега видел, е луѓето како вас да го користат производот и да го прават токму она што сите вие го правите“, напиша компанијата. „Вашите повратни информации за тоа што сметате дека е вредно, а што не, и кои се вашите преференции за тоа како треба да се однесува производот, се толку критични во оваа почетна фаза на развој“.