Мајкл Блумберг донира 100 милиони долари за Бајден

 Поранешниот градоначалник на Њујорк, Мајкл Блумберг, издвои најмалку 100 милиони долари за да му помогне на демократскиот кандидат Џозеф Бајден во претседателската кампања во клучната сојзуна држава Флорида. Финансиската инфузија на Блумберг ја покажува загриженоста на демократите за прилично изедначената поддршка на двајцата кандидати во оваа држава, која, пак, е  приоритет на претседателот Доналд Трамп.

Победата на Бајден на Флорида значително ќе го комплицира патот на Трамп до 270 гласа на Изборниот колеџ потребни за обезбедување на вториот мандат.

На крајот на минатата година, милијардерот Блумберг влезе во трката за претседателски кандидат на Демократската партија. Иако потроши милијарда долари во својата кампања, Блумберг во март се откажа од трката и набрзо го поддржа Бајден.

Гласањето во Флорида почнува на 24 септември, затоа е потребно што побрзо да се вложат средства во таа сојузна држава, рече советникот на Блумберг и најави дека поголемиот дел од парите ќе ги потроши на телевизиско рекламирање.