Мајката на Ѓоковиќ: Кога стана број 1, како да не можеа да го поднесат


Мајката на најдобриот тенисер во светот Новак Ѓоковиќ, Дијана, даде интервју за списанието „Џи-кју Индија“ во кое зборуваше, меѓу другото, и за односот на фановите кон нејзиниот син.

Таа вели дека има чувство дека тенисерите ширум светот не го ценат доволно Новак, барем не како Федерер и Надал.

„Чувствувам дека тоа е токму така. Го чувствував тоа во Австралија, Њујорк, Лондон. Помалку во Париз, мислам дека ги освои нивните срца кога почна да зборува француски. Искрено, не знам. Тој е толку учтив, работи напорно. Сепак, луѓето не го ценат доволно затоа што тој игра во ерата на Федерер и Надал. Кога беше трет на светот, сè беше добро, тие беа први и втори, сепак, кога тој стана број еден, се чинеше дека не можат да го поднесат тоа. Не знам, а јас страдам поради тоа. Тие го почитуваат тоа што е успешен и она што го прави. Но, ако Федерер е од другата страна, тие ќе навиваат за Роџер. На некој начин, тоа му дава дополнителна моќ да го победи“, додава Дијана.

Таа е исто така убедена дека нејзиниот син ќе го надмине рекордот на Федерер по број на титули на Гренд-слем турнирите.

„Мислам дека ќе го направи тоа. Тој го има зацртано тоа. Неговата цел е да биде најдобриот на светот. Ако сака, треба да освои уште една гренд-слем титула. Јас само сакам тој да биде здрав. Ако е здрав, можам да се обложам, сигурна сум, верувам дека ќе го сторат тоа“.

Таа вели дека не е сигурна до кога ќе игра Новак.

„Којзнае? Тој има 32 години. Можеби најмалку до 35 години. Не можам да го кажам тоа. Тоа зависи од него. Ако тој е среќен и мотивиран и ужива во сè, зошто да не игра подолго?“, заклучи Дијана Ѓоковиќ.