Мајката на Ѓоко Ристов уплатила четири станови, сопругата му договарала средби за поткуп


Судењето против апелацискиот судија Ѓоко Ристов продолжи со  прислушувани разговори за кои Обвинителството тврди дека покажуваат договарање средби меѓу судијата и лица инволвирани во предмет за сериозен криминал. На рочиштето, обвинителката Искра Хаџивасилева изведуваше материјали од посебни истражни мерки, односно прислушувани разговори меѓу Един Шеапи и Али Арифи, татко на двајца обвинети во предметот „Ориент“, кој опфаќа обвиненија за злосторничко здружување, проституција, неовластено држење дрога и перење пари. Според Обвинителството, разговорите биле прибавени поради сомневања за давање поткуп на Ристов, кој во тој период бил апелациски судија и постапувал по предметот.

 

Хаџивасилева pritoa посочи дека женскиот глас што се слуша во дел од разговорите ѝ припаѓа на сопругата на судијата, Симона Ристова, која во тој период извршува јавна функција како dржавен правобранител. Според обвинителката, од разговорите произлегува дека таа договарала средби меѓу нејзиниот сопруг и засегнатите лица.

Во еден од разговорите од 5 мај 2025 година, Шеапи разговара со машко лице кое го прашува дали во текот на неделата ќе се сретнат со, како што се наведува во разговорот, „нишанот“. Шеапи потврдува дека очекува средба и додава дека чека да му биде кажано кога ќе се одржи.

Следниот ден Шеапи стапува во контакт со Симона Ристова и бара прием. По размената на пораки, таа му потврдува дека средбата е договорена за следната вечер.

На 7 мај 2025 година следуваат нови разговори и пораки. Шеапи повторно ѝ се јавува на Ристова, по што таа му ја посочува локацијата за средбата во близина на Хрватската амбасада. Подоцна, според презентираниот материјал, следи дополнителна комуникација во која се наведува и „кај кафичот“.

Обвинителството ги презентира овие разговори како дел од доказниот материјал за сомневањата дека преку сопругата на судијата биле организирани средби со лица чии предмети биле пред Апелацискиот суд.

Во меѓувреме, на рочиштето сведочеше и инвеститорот во недвижности Круме Апостолов, чие сведочење отвори нови прашања околу потеклото на значителните финансиски средства поврзани со семејството на обвинетиот судија. Апостолов пред Судот изјави дека мајката на Ристов, Донка Ристова, во јануари 2025 година уплатила околу 400.000 евра за купување четири станови со вкупна површина од околу 250 квадратни метри.

Според сведокот, изградбата на становите доцнела поради проблеми со документацијата. Ристова подоцна побарала враќање на дел од средствата, но Апостолов навел дека парите веќе биле вложени и дека не ѝ биле вратени.

Во вкрстеното испрашување, инвеститорот потврдил дека никогаш не разговарал со Ѓоко Ристов во врска со становите, ниту пак имал судски предмет пред него.

Овој исказ е особено важен во контекст на одбраната дека 350.000 евра, пронајдени заѕидани во куќа во Неготино, биле сопственост на родителите на обвинетиот судија.

Одбраната останува на ставот дека и готовината пронајдена во куќата и средствата уплатени за становите им припаѓале на родителите на Ристов.

При претресот во куќата биле пронајдени 350.000 евра, спакувани во 13 пакувања. Станува збор за вкупно 835 банкноти во апоени од 500 и 200 евра.

Ристов е обвинет за противправно стекнување и прикривање имот, како и за перење пари и други приноси од казниво дело. Тој ги негира обвиненијата преку одбраната.

Судењето продолжува на 3 септември со изведување нови докази. Одбраната најави дека го предложила Ѓоко Ристов да биде сослушан во постапката.