Mајка и три деца спасени од под урнатините во Турција


Од под урнатините на зграда во турскиот град Измир, кој беше најмногу погоден од вчерашниот силен земјотрес, беа извлечени мајка и нејзините три деца.

Мајката и нејзините деца поминале цели 23 часа под урнатините, јави турската новинска агенција Анадолија. Спасувачките екипи се обидуваат да извлечат уште едно од нејзините деца, прецизира агенцијата.

Додека спасувачите ги носеа мајката и нејзините деца до брзата помош, присутните сограѓани аплаудираа.

Турција и Грција вчера беа погодени од земјотрес со јачина од 7 степени. Според Си Ен Ен, најмалку 27 лица загинаа, вклучително и двајца тинејџери на грчкиот остров Самос. Врз нив се урна ѕид додека се враќале од училиште.

Повеќе од 800 лица се повредени, а се стравува дека многумина останале затрупани под урнатините.