Маја Андоновска Илијевски поднесе оставка на функцијата директорка на НУ Центар за култура-Битола
Маја Андоновска Илијевски поднесе оставка на функцијата директор на НУ Центар за култура-Битола, што ја извршуваше од 2019 година.
Во соопштение до јавноста Андоновска Илијевски истакнува дека поднесувањето оставка е тежок личен чин, кој го прави со длабока анализа, размислување и проценка на состојбите и причините кои водат до него.
-Во текот на овој период, со мојот исклучителен тим од вработени и надворешни соработници, заедно покажавме и докажавме дека културата е најсилниот амбасадор што нѐ претставува пред светот. Со професионален пристап и искрена страст, успеавме да ги редефинираме границите на можностите и да покажеме дека културата дека културата во Македонија може да се носи со сите светски текови и правила, жива е, моќна е и неизмерно вредна. На вработените во Министерството за култура и туризам и на петте министри со кои имав можност да соработувам им благодарам за поддршката и препознавањето на важноста на Центарот за култура Битола, посочи Андоновска Илијевски, која професионалната кариера ја продолжува како актер во битолскиот Народен театар.
На местото на Андоновска Илијевски, функцијата вршител на должноста директор на НУ Центар за култура-Битола ќе ја врши Влатко Илиевски, се додава во соопштението.