Маглата и денеска создава проблеми


Фото: Б. Грданоски

 

Сообраќајот на државните патишта се одвива по наместа влажни коловози, а поради магла намалена видливост има на повеќе патни правци.

Магла има на патиштата Битола – Прилеп, Охрид – Струга, Скопје – Куманово, Скопје – Велес, Велес – Катланово, Кочани – Штип каде видливоста е од 50 до 100 метри, а на Тетово – Групчин до 50 метри.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево. 

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Претпладне по одделни котлини и долж Повардарието ќе има појава на магла или ниска облачност. Попладне и кон крајот на денот ќе дува слаб, а долж Повардарието умерен ветер од северозападен правец, што ќе предизвика делумно намалување на маглата.

Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3, а максималната ќе достигне од 8 до 16 степени.

Во Скопје претпладне со појава на магла и ниска облачност. Попладне и кон крајот на денот ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец што ќе предизвика делумно намалување на маглата. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 9 степени.

Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и претежно тивко време со релативно високи дневни температури. По котлините вклучувајќи ја и Скопската Котлина и понатаму ќе има појава на магла и ниска облачност со променлив интензитет, особено во ноќните и претпладневните часови, како и пониски дневни температури.

Утре ќе дува умерен северозападен ветер, особено долж Повардарието поради што преодно ќе се намалат условите за магла.