Маѓар: Се уништуваат документи од владата во заминување на Орбан


Победникот на унгарските избори, Петер Маѓар денеска изјави дека се уништуваат документи од владата во заминување на Виктор Орбан и повика на пријавување на такви инциденти. Тој додаде дека е отворена онлајн платформа за пријавување на свиркачите.

Маѓар наведе дека добива извештаи за уништување документи во министерствата и владините агенции, како и во компаниите кои пораснаа за време на 16-годишното владеење на поранешниот премиер Орбан.

– Сите оние кои учествуваат во вакви криминални активности ќе бидат повикани на одговорност, кога ќе се формира нова влада – напиша Маѓар на Фејсбук.

Тој вети дека ќе почне акција против корупцијата за да обезбеди милијарди евра европски фондови кои беа замрзнати за време на мандатот на Орбан.

Поранешниот премиер постојано ги негира обвинувањата, велејќи дека Унгарија не е покорумпирана од другите европски земји.

Маѓар треба да положи заклетва како премиер на 9 или 10 мај, кога ќе се состане новиот парламент.