Магијата на „Кармина бурана“ пак го воодушеви Скопје (фото)


„Кармина бурана“ на Карл Орф, синоќа, во полната сала до последно место во Националната опера и балет, повторно ја воодушеви домашната публика, која на нозе и со овации ги награди учесниците на спектаклот и за очи и за уши, на „средбата со страста, љубовта и животните радости, како и вечниот сон за среќата, владетелка на светот“.

Моќната и возбудлива, кантатата на германскиот композитор ја освои публиката уште на првата изведба во операта во Франкфурт во 1937 година, оттогаш со години го привлекува вниманието како на режисерите и кореографите, така и на бројната публика која постојано ја бара на тековниот репертоар. Музичката сила, енергијата која извира од неговата музика го прават делото да ги надмине бариерите на времето, и на свој начин, навраќајќи се наназад, како во средниот век според содржината на манускриптите (пронајдени во манастир во јужна Германија), така и неколку децении наназад, преку изразот кој не отстапува од тоналноста, и да го направат делото засекогаш бесмртно во пантеонот на најголемите музички творби воопшто напишани.

Синоќа, претставата беше полн погодок за отварање на новата сезона на НОБ, а раководството, годинава собра импресивни домашни и интернационални имиња кои беа дел од овој спектакл.

Публиката во НОБ, која за среќа, се фокусираше на сцената, а не на мобилните телефони, и знаеше кога да аплаудира, уживаше и беше маѓепсана од изведбата на врвните оперски солисти: Наде Талевска (сопран), Благој Нацоски (баритон) и Денис Димоски (контра-тенор), како и од балетските солисти: Марија Кичевска Шокаровска, Христина Наќевска, Наташа Трендафилова Гицев, Франциско Хименез Руиз (Шпанија), Балаж Лочеи (Унгарија) заедно со  хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

Диригент на претставата беше Иван Еминовиќ, кореографијата и либретото на Кан Арслан од Турција, сценографија на Миодраг Табачки (Србија), костимограф на балет, Гизем Бетил (Турција), костимограф на опера, Елена Дончева, хор-мајстор: Јасмина Ѓорѓеска и Ѓургица Дашиќ, концерт–мајстор е Верица Ламбевска, а репетитори на балетот се: Горан Божинов, Володимир Борисов (Украина), Кире Павлов,  Дафина Данилоска Кочевска, Саша Евтимова, Бобан Ковачевски.

Л. Сабит

Фото: М. Угарковиќ