Магична ноќ на Аргентинците, Меси го постигна 800. гол во кариерата (видео)


Актуелниот светски фудбалски првак Аргентина во пријателски натпревар синоќа во Буенос Аирес ја совлада Панама со 2-0, а дуелот го одбележа капитенот Лионел Меси, кој го постигна 800. гол во кариерата.

Аргентинците во славеничко расположение дури во финишот го скршија отпорот на Панама со головите на 21-годишниот Тиаго Алмада во 78 минута и Лео Меси во 89 минута од слободен удар.

За Меси тоа беше 800. гол во кариерата на клупско и репрезентативно ниво. Дури 672 голови постигна во дресот на Барселона, 29 за ПСЖ, а 99 за Аргентина.

Интересот за првиот настап на Аргентина по освојувањето на светската титула на Мундијалот во Катар беше огромен.

На стадионот „Монументал“ присуствуваа 84.000 гледачи, кои успеаја да дојдат во влезници за кои аплицираа повеќе од 1.5 милион луѓе.

И пред и по натпреварот Аргентинците ја славеа титулата, се играше и пееше, а на екраните на стадионот „Монументал“ се прикажуваше видео од аргентинскиот пат до третата светска титула.

За забавата беше задолжен ДЏ Фер Паласио, кој беше избран од самите играчи.

По завршување на натпреварот никој не го напушти стадионот, а аргентинските репрезентативци тргнаа во почесен круг секој со реплика од светската титула во рацете.

Меси накратко им се обрати на навивачите заблагодарувајќи им се на големата поддршка.

– Ви благодарам за сета љубов. Отсекогаш сонував за овој момент, да можам да славам со вас. Денот е наш, но не сакам да ги заборавам сите соборци кои денес не се тука, но, исто така, направија сè што беше возможно за ова и заслужуваат признание и почитување од аргентинскиот народ. Да уживаме во овој успех, бидејќи потрошивме многу време чекајќи повторно да ја освоиме светската титула, рече Меси.