Магазиновиќ: ЕУ ја турка БиХ кон Турција, Русија и Кина


Со својата политика кон Босна и Херцеговина и постојаното одлагање на доделувањето на кандидатски статус, ЕУ ја турка земјата кон Турција, Русија и Кина, изјави денеска пратеникот во Собранието на Федерацијата БиХ, Саша .

Според Магазиновиќ, кој е член на опозициската Социјалдемократска партија (СДП), се отвора дилемата дали „некаде официјално или неофицијално, но сепак дефинитивно, е донесена одлука дека за БиХ нема место во ЕУ“.

– Бриселските бирократи со подготовките на предлогот (за кандидатски статус), уште еднаш покажаа дека имаат целосен антиталент за Босна и Херцеговина, наместо да и помогнат да стане функционална држава, која прво ќе се справи со криминалот на дел од својата политичка сцена, а потоа да стане дел од европското семејство, нагласи Магазиновиќ.

Тој потсети дека ЕУ како услов за стапување во сила на Договорот за стабилизација и асоцијација со БиХ, го постави промена на Уставот на земјата, но дека сепак по четири години тој стапил во сила без исполнување на условот.

– Сега ја прават истата грешка. Наместо да и дадат на БиХ статус на кандидат (за членство) и да ги започнат преговорите, тие ги казнуваат граѓаните и им одат на рака на криминалните политички елити и стануваат директни соучесници во сето она што тие се подготвени да направат се за да ги зачуваат своите позиции, вклучително и радикализација на односите, проследени со евентуални исценирани судири, додаде Магазиновиќ.

Според него, со ваквото однесување се покажува дека апсолутно се во право сите оние што тврдат дека ЕУ ја турка БиХ кон Турција, Русија или Кина.

– По ваквиот став и демонстрираното целосно неразбирање на БиХ, тие исти демократи нема потреба да доаѓаат со проекти против руското влијание, приказни против Турција и теории дека Кина не ни носи ништо добро. Засега, се уште имаат некакво влијание во БиХ, но доаѓа утрото кога ќе се разбудат и ќе сфатат дека по нивна вина со овој дел на Балканскиот Полуостров владее некој друг, заклучи Магазиновиќ.