Мафијата и географијата би можеле да ја забават изградбата на најдолгиот висечки мост во светот


Италијанските власти планираат да го изградат најдолгиот висечки мост кој би ја поврзал Сицилија со копното преку Месинскиот теснец, но се работи за сложен проект поради корупцијата и мафијата, која е позната по инфилтрирањето во градежните проекти, пишува Си-eн-eн.

Студијата на Центарот Номос, ажурирана по две децении, предупредува дека делови од проектот, како што се транспортот и снабдувањето, би можеле да паднат под контрола на криминалци. Истовремено, се наведува дека постои можност локалните мафијашки групи да бараат пари за заштита. Министерот за транспорт Матео Салвини, сепак, рече дека не се плаши од криминална инфилтрација.

„Ќе можеме да гарантираме дека таму работат најдобрите италијански, европски и светски компании. За секое евро вложено во изградбата на мостот ќе има надзорни тела“, рече Салвини.

Дополнително, Си-eн-eн наведува дека има и геофизички проблеми и потсетува на земјотресот во Месинскиот Теснец во 1908 година во кој загинаа повеќе од 100.000 луѓе, што останува најсмртоносниот регистриран сеизмички настан во Европа. Земјотресот со јачина од 7,1 степени предизвика цунами што ги уништи крајбрежните области.

Дури и водите се турбулентни, а струите се толку силни што често ги кинат алгите од морското дно, соопшти НАСА, додавајќи дека силните бранови се видливи дури и од вселената. Според единствениот предложен план досега, мостот би бил долг пет километри, со рекорден централен распон од 3,3 километри, а вредноста на проектот би изнесувала неколку милијарди евра.