Мафијашка ликвидација на Македонец на Халкидики


 

Мафијашките пресметки меѓу криминалните групи од македонија се префрлија и во Грција. Денеска рано утрото, во 3,30 часот двајца мажи влегле во собата на 39-годишниот Орхан Бајрами што тој ја изнајмил во Ханиоти на Халкидики и ладнокрво го застрелале и убиле. Тешко повреден е неговиот компањон со кого бил во истата соба, Сеад Слезовиќ (45). Убијците кон нив истрелале 20-ина куршуми. Слезовиќ е тешко повреден и е пренесен во централната болница во регионот, во Полигирос.

Грчките медиуми објавуваат дека двајцата убијци дошле со мотор и имале качулки на главите. Тие точно знаеле каде се наоѓа Бајрами, кој во Македонија поседува казино. Еден од неговите пријатели претходно бил убиен во Македонија како дел од мафијашките пресметки. Бајрами бил следната цел, кој веројатно заминал во Грција за да ги избегне заканите по неговиот живот.

Дали Сеад Слезовиќ бил дел од таа криминална група или само пријател кој го придружувал на одморот засега не се знае.

Грчката полиција е во потрага по уубијците, но засега нема информации дали таа им влегла во трага.

Министерството за надворешни работи соопшти дека  двајцата застрелани биле однесени во општата болница во Ханиоти, каде едниот им подлегнал на повредите, додека другиот поради тежината на повредите е транспортиран во друга болница, во Полигирос.

Според информациите на македонската амбасада во Атина, на местото на настанот моментално се наоѓаат повеќе тимови на грчката полиција и работат на расчистување на околностите на настанот.