Илија Аџиевски со своите вешти раце ги продухови портретите на плејада познати личности: Ретроспективна изложба која мора да се види (галерија)


Фото: Б. Грданоски

Портрети на неговите пријатели, духовно блиски личности, сограѓани со кои се познавал и го делел задоволството и креативниот занес во создавањето на уметнички творби. Меѓу нив и други ликовни уметници, поети, филозофи, писатели, естетичари, историчари на уметност или сродни по продуховеност пријатели. Со своите вешти раце, вдахновен од Мештровиќ, и ликовната естетика на Антун Аугустинчиќ и на Франо Кршиниќ, ја виртуелизирал нивната невидлива природа , допирајќи во најдлабоките тајни на нивната интима, замрзнувајќи во скулптурално дело неодгатнати аспекти на нивниот карактер. Во тоа е маестралноста на Аџиевски, затоа неговите портрети се сегмент од неговото скулптурално творештво кое заслужува особено внимание и дигнитет.

Фото: Б. Грданоски

Додека ја разгледувате неговата ретроспективна изложба во Даут пашиниот амам во Скопје, која според директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими, требало да се случи уште поодамна, се чувствувате дека сте во храм на уметноста и „разговарате“ со ликовите на кои исте им се восхитувале, ама не сте имале можност да ги запознаете, освен по нивните дела, стихови, есеи, слики, текстови или говори. Сега се тука, на едно место, од разни генерации, да потсетат на нивното значење во македонската култура  или да ја истакнат генијалноста на авторот, големиот скулптор Илија Аџиевски, со оглед на трновитиот животен и творечки пат и сите лични и професионални премрежја кои му се случувале.

Фото: Б. Грданоски

Пред да ги откриете маестрални портрети на големата изложба во Даут пашиниот амам, во првиот изложбен простор ги откривате јавните споменици на Аџиевски, распослани низ цела Македонија, како нем потсетник на едно време, историја и традиција кои не смеат да се заборават ниту да се запустат од надлежните.

Фото: Б. Грданоски

За исклучителното дело на скулпторот Илија Аџиевски кој синоќа присуствуваше на изложбата , иако има 96 години , зборуваа три исклучителни дами, зашто со неговото над шеесетдецениско творење, е меѓу авторите кои го одредиле текот на македонската уметност: директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими, кураторот Ана Франговска, виш кустос во галеријата и д-р Јелена Лужина, писателка и поранешен професор на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Фото: Б. Грданоски

-Имам особена чест да ве поздравам на отворањето на ретроспективната изложба на маестро Илија Аџиевски, кого особено го поздравувам и му благодарам за честа Националната галерија да ја организира оваа изложба.

Фото: Б. Грданоски

Особено ми е драго што после толку време се случува оваа многу заслужена изложба со предзнакот ретроспективна, иако тоа требало да се случи уште поодамна. Но, и одложувањето на еден рекапитулар на целокупното творештво на големиот скулптор Илија Аџиевски не изненадува, со оглед на трновитиот животен и творечки пат и сите лични и професионални премрежја кои му се случувале.

Фото: Б. Грданоски

Задачата на Националната галерија, бидејќи впрочем и го носи називот национална, се базира врз презентацијата на национални уметници, не само рецентни, туку, пред се, автори кои со своето децениско творење го одредиле текот на македонската уметност. Целта на овие претставувања, без оглед дали го носат предзнакот ретроспективни или пак јубилејни е, пред се, оддавање на должната почит на нашите автори, константно потсетување на нивното место во одреден историски период и влијанието кое го оставиле врз следните генерации уметници, едукација на денешната публика. Секако една од битните задачи е и претставување на автори кои на извесен начин од повеќе причини биле запоставени.

Фото: Б. Грданоски

Еден од тие автори на кои како автор задолжително морало оддамна да му се оддолжиме е и скулпторот Илија Аџиевски, чиј животен и творечки пат бил послан со многу премрежја. Сепак, од денешна преспектива, а заради одредување на местото во антологиите на македонската модерна уметност, сметаме дека оваа изложба ќе покаже дека Илија Аџиевски има место кое заслужено му припаѓа во антологиите на македонската ликовна уметност.

Фото: Б. Грданоски

Илија Аџиевски е исклучително индивидуален автор, кој како идеен водич е вдахновен од Мештровиќ, а други две значајни фигури кои допреле до сензибилитетот на Аџиевски се стилскиот пристап и ликовната естетика на Антун Аугустинчиќ и на Франо Кршиниќ, кои му биле директни едукатори и педагози, но и пријатели, чии творби одушевиле уште на академиите во Белград и Загреб.

Фото: Б. Грданоски

Творештвото на Аџиевски може да се проследи низ неколку техники, медиуми и дисциплински пристапи, но во секоја форма тој останува доследен на фигурацијата. Малку се апстрактните отклони, но и тие имаат задржана асоцијативност и симболизам. Три главни одредници се следат во неговиот скулпторски опус, и тоа: јавни споменици, фигурини и портрети. И покрај постигнувањата и јавната потврда за неговиот придонес кон споменичната уметност, скулпторскиот жанр кој најмногу му лежи и со кој ги постигнува врвот во својот индивидуален уметнички развој и најголемите достигнувања како индивидуален уметник, е полето на портретната уметност.

Фото: Б. Грданоски

Портретот отсекогаш бил многу специфичен жанр, во која било ликовна дисциплина или медиум. Тој не подразбирал само добра занаетска подготвеност и фотографско, т.е. реалистичко празно пренесување, туку значел умеење да се проникне во тајните и суштината на портретираната личност, да се одгатнат нејзините тајни, вистини, внатрешни убавини, креативност, дух, суровост, мекост итн.

Фото: Б. Грданоски

За креативниот развој на Илија Аџиевски допрва има уште многу да се говори. Се надеваме дека оваа изложба ќе донесе многу нови сознанија за творештвото на Илија Аџиевски и неговото особено место во историјата на македонската скулптура и ликовна уметност воопшто, рече синоќа во својот поздравен говор Старова-Ќерими.

Поставката ќе биде изложена во Даут пашиниот амам еден месец. 

Л. Сабит