Мадрид не верува дека САД размислуваат да го замрзнат членството на Шпанија во НАТО
Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека не им верува на медиумските извештаи дека САД размислуваат за замрзнување на членството на Шпанија во НАТО поради противењето на Мадрид на војната против Иран.
Санчез ја дал изјавата пред почетокот на средбата на лидерите на ЕУ во Кипар.
– Не работиме врз основа на е-пошта, туку врз основа на официјални документи и позиции кои ги формулира владата на САД – одговори тој на новинарско прашање.
– Ставот на шпанската влада е јасен: целосна соработка со нашите сојузници, но секогаш во рамките на меѓународното право – додаде Санчез.
Владата на Педро Санчез се спротивстави на војната што САД и Израел ја водат против Иран од крајот на февруари. Оваа позиција го налути американскиот претседател Доналд Трамп, кој му замери на Мадрид дека им одбил на САД користење на воените бази во Андалузија за воздушни напади, стигнувајќи дотаму што се закани дека ќе ја „прекине секоја трговија“ меѓу двете земји.
Анонимен американски функционер претходно за некои светски агенции изјавил дека според интерен и-мејл, американското Министерство за одбрана наводно ги разгледува опциите за санкционирање на одредени сојузници во НАТО поради нивниот однос кон американските операции во војната со Иран, вклучувајќи ја и можноста за суспензија на Шпанија од сојузот.
Според тие наводи, во документот се анализираат мерки кои би требало да одговорат на, како што се тврди, „неволност на некои сојузници на САД да им обезбедат право на пристап, базирање и прелет за воени операции“. Меѓу опциите се споменуваат и симболични и политички мерки кои би требало да го намалат „чувството на право“ на европските сојузници.
Во текстот е наведено дека евентуалната суспензија на Шпанија од НАТО би имала пред сè симболичен ефект, додека се споменува и преиспитување на американската политика кон британските територијални прашања, вклучувајќи ги и Фокландските Острови.
Официјалниот претставник навел дека во имејлот се изразува фрустрација поради одбивањето на некои сојузници да дозволат користење на воените бази и просторот за операции, при што посебно се споменува Шпанија и нејзиното одбивање нејзините бази да бидат користени за напади врз Иран.