Мадона ги изненади сите на Коачела: ѝ се придружи на Сабрина Карпентер, ги отпеа најголемите хитови


Кралицата на поп-музиката Мадона ја изненади публиката на фестивалот Коачела во Калифорнија со тоа што ѝ се придружи на Сабрина Карпентер за време на нејзиниот настап во Калифорнија, каде што изведе микс од песни и најави нов албум.

Со Сабрина Карпентер, таа изведе мешавина во која беа вклучени нејзините хитови „Vogue“ и „Like A Prayer“, а изведе и песна од претстојниот албум. Настапот започна по изведбата на Сабрина на „Juno“, кога Мадона се појави на сцената додека се слушаше воведот во „Vogue“.

„Пред 20 години настапив на Коачела. Бев во шаторот за танцување, а потоа ја изведов „Confessions On A Dance Floor“ за прв пат во Америка и тоа беше огромно возбудување за мене“, рече Мадона.

Таа додаде дека враќањето на фестивалот две децении подоцна ѝ е особено драго, опишувајќи го како момент што го затвора кругот. Неодамна објави дека ќе го издаде албумот „Confessions on a Dance Floor: Part II“ на 3 јули.

Новиот албум е продолжение на нејзиниот албум од 2005 година „Confessions on a Dance Floor“ и воедно нејзин прв студиски албум по седум години, односно по „Madame X“ од 2019 година. Асошиејтед Прес го окарактеризира тој албум како неуспешен, додека оригиналниот „Confessions“ се сметаше за нејзино враќање на врвот на поп-моќта.