Мадагаскар повторно на удар на бура – населението евакуирано


 

Силен ветар и дожд го погодија источниот брег на Мадагаскар, а циклонот Бацираи веќе удри и на копно.

Циклонот стигна на копно синоќа околу 20 часот по локално време, а само еден час подоцна раселени се речиси 27.000 луѓе, покажаа податоците на државната агенција за управување со катастрофи, наведувајќи дека имало и прекин на струјата, уништени куќи и скршени дрвја.

„Ветриштата се страшни. Никогаш не сум го доживеала ова… Брановите се многу големи“, вели Јанитра Рахариоса, жителка на Манањари, крајбрежно градче во близина на главното место на удар на бурата.

Ова е втора голема бура која го погаѓа Мадагаскар во помалку од две недели, а метеоролозите предвидуваат удари на ветар и до 250 километри на час и бранови во висина од 15 метри, пренесе Би-би-си.

Многу жители се евакуирани во засолништа, а локалните власти стравуваат дека лизгањето на земјиште може да остави десетици илјади луѓе без покрив над главата.

Минатиот месец бурата Ана предизвика големи штети на Мадагаскар, а загинаа 55 луѓе.