Macedonian Manufacturing Expo 2020 ќе се одржи од 24 до 26 ноември


Зголемувањето на платите е можно само со паралелно зголемување на продуктивноста: Патрик Мартенс

Годинава настанот Macedonian Manufacturing Expo ќе се одржи од 24 до 26 ноември 2020 година, соопшти во Утринската телеграма Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија.

Четвртото издание на Macedonian Manufacturing Expo, поради актуелната состојба и последиците од глобалната криза која ја предизвика корона вирусот ќе се одржи во дигитална форма. Се очекува 50 компании купувачи и 70 компании добавувачи да земат учество на овогодишниот настан.

Инаку, како што извести Мартенс во Утринската телеграма, првата половина од оваа недела беше во знакот на четиридневната конференција на тема: „Собирање и третман на отпадни води, вода за пиење и управување со загуба на вода“. Ова е најголемата регионална конференција на оваа тема во организација на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, Германската стопанска комора во Србија и German Water Partnership (GWP) во име на Федералното Министерство за економија и енергетика.
Конференцијата започна со брифинг на кој учествуваа германската амбасадорка на Сојузна Република Германија во земјава, Анке Холштајн и раководителот на економскиот оддел при Амбасадата на Сојузна Република Германија во Белград, Ана-Кристин Пиплица, како и претставници на осум германски компании.
Во вторникот претставниците на германските компании имаа можност да ги претстават своите компании пред повеќе од 200 слушатели од Северна Македонија и Србија.

„Втората половина од неделата е резервирана за мојата прва официјална посета кај заменик претседателот на Владата на Република Сервена Македонија, Фатмир Битиќи.
Оваа недела на мојата агенда е исто така и средбата со Министерот за животна средина, Насер Нуредини“, соопшти Мартенс.

Во петок ќе ја посети белгиската компанија M-Steel која има две производни хали за метало преработувачка индустрија во Скопје и е еден од изложувачите на најголемиот саем за метало и електро преработувачка индустрија во склоп на настанот Macedonian Manufacturing Expo 2020 кој ќе се одржи на крајот на месецот ноември.

„Воедно сакаме на компаниите од Северна Македонија, Косово и Албанија да им ја претставиме нашата најнова услуга „Пакет за извоз од западен Балкан“ со која им овозможуваме полесно да пристапат на германскиот пазар. Работевме интензивно на развивањето на оваа услуга, која сметаме дека во денови како овие, кога се откажани голем број на деловни патувања и саеми, дава придонес при изградбата и проширувањето на синџирот на добавувачи“, вели Мартенс.