М-НАВ: 24 години од комплетното преземање на воздушниот простор
Во раните утрински часови на 07 ноември пред 24 години тогашната Обласна контрола на летање Скопје ја превзема надлежноста на целиот воздушен простор на Република Македонија, кој до тогаш беше контролиран од Белград согласно поделбата помеѓу контролите на летање во Загреб и Белград уште од времето на СФРЈ, соопшти М-НАВ, по повод годишнината.
Од таму потсетуваат дека првиот авион кој беше воден од нашите контролори на летање беше на изреалскиот Ел-Ал со дестинација за Тел Авив.
„Од тогаш за изминатите 24 години, контролата на летање се разви во модерен центар кој функционира согласно сите стандарди на Eurocontrol чија што членка сме од 1998 г. и Европска Комисија согласно ECAA agreement од 2006 г.“ соопштија од М-НАВ.
Од малата обласна сала со 25 метри квадратни, само еден радар и десетина лиценцирани контролори на летање кои со помош на колеги од Србија и Бугарија ги обезбедуваа услугите во почетниот период, денес М-НАВ располага со скоро сто контролори на летање и помошници контролори на летање, високо обучен технички и помошен воздухопловен персонал задолжени за безбеден, редовен и експедитевен сервис за летовите за аеродромите во Скопје и Охрид, како и прелетите на нашето небо. Сервисот се обезбедува со интегрирани податоци од 5 радари, од кои 3 на наша територија и по 1 од Грција и Бугарија, а податоците од нашите радари и комуникациски системи преку билатералните договори за соработка ги користат и соседните земји.
По сепарација од Агенција за Цивилно Воздухпловство, М-НАВ продолжи да биде национален давател на воздухопловни навигациони услуги.
Во најфреквентните денови од летната сезона се опслужуваат повеќе од 1.000 летови дневно, а во 2019г. се регистрирани 230.160 лета кои ги користеле навигационите услуги на М-НАВ.
Акционерското друштво М-НАВ ги обезбедува услугите и за државните воздухоплови на Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи.
„Преку континуирано и проактивно учество во работата на меѓународните воздухопловни организации и институции за безбедност -Eurocontrol, ICAO, CANSO, работиме на одржувањето на постоечките стандарди, но и на имплементација на новите процедури и технологии на работа, а се со цел обезбедување на поефикасен сервис за авиокомпаниите и зголемена заштита на животната средина“, велат од М-НАВ.
Во денешно време, кога целата планета се соочува со пандемијата предизвикана од COVID 19, а авијацијата е една од најпогодените индустрии, состојба во која се прогнозира нормализирање на функционирањето е дури по 2-3 години, М-НАВ продолжува да ги обезбедува најпрофесионално и безбедно своите воздухопловни услуги додека ангажманот на вработените е прилагоден на постоечките протоколи за работа.
Од таму велат дека во изминатите 24 години системот се справуваше со повеќе оперативни и слични финансиски кризни состојби предизвикани од регионалната криза во 1999г. со комплетно затворање на нашиот воздушен простор поради интервенцијата на НАТО во Косово, терористичките напади во САД во 2001г и кризата предизвикана од рецесијата кон крајот на изминатата деценија.
„И покрај сите потешкотии предизвикани од кризните ситуации континуирано се работеше на одржување на потребното ниво на компетентност на контролорите на летање и другиот стручен кадар, како и на обезбедување на функционирање на системите за контрола на летање и соодветно имплементирање на меѓународните стриктни регулативи“, велат од М-НАВ и додаваат дека и денес во исклучително комплексни околности, максимално се посветени на проектите за имплементација на новиот АТМ систем и другите радарски и комуникациски системи, кои се дел од долгорочната стратегија за надградба на контролата на летање и се потребни за да може да се обезбеди ефикасен сервис во иднина за предвидениот обем на воздушниот сообраќај. Исто така се одржува компетентноста на контролорите на летање и другиот стручен кадар и се продолжува со потребните обуки.
„Работиме и на плановите за проширување на концептот на Free Route Airspace со соседните контроли на летање, нешто со што ќе се зголеми ефикасноста на сервисот преку намалување на должината на рутите за летовите, а со тоа и потрошувачката на горивото и емисијата на штетните гасови во атмосферата“, соопштија од М-НАВ по повод 24 годишниот јубилеј.