“М“ на Вардан Тозија ја освојува Америка – премиери во Бостон и Висконсин


 
Македонскиот филм “М“ на режисерот Вардан Тозија го продолжува прикажувањето на северноамериканскиот континент, овојпат во официјална конкуренција на два престижни филмски фестивали – Интернационалниот филмски фестивал на научна фантастика во Бостон и Интернационалниот фестивал “Ноќи на стравот“ во Висконсин.
Интернационалниот фестивал на научна фантастика во Бостон е оформен далечната 1976 година што го прави втор најстар жанровски филмски фестивал во САД. Во иницијалните години на постоењето во киното “Орсон Велс“ премиерно се прикажувани култни остварувања како “Денот кога земјата застана“, “Војна на световите“, или првото издание на дотогаш сеуште непознатиот “Војна на ѕвездите“. Денес, фестивалот се одржува во кино-комплексот Сомервил, и пред американската публика прикажува и промовира ограничен број на жанровски филмови од американската и интернационалната филмска продукција.
Интернационалниот филмски фестивал “Ноќи на стравот“ се одржува во Висконсин, и има за цел да открива филмски остварувања со дистописка, фантастична и хорор тематика од меѓународната кинематографија. Во своето 16-годишно постоење, овој фестивал промовирал режисерски имиња како Мајк Фланаган (Absentia, Oculus, Fall of house Usher), Грег Никотеро (Walking Dead, Mist), Адриан Гарсија Боглијано (Late Phases, Black Circle) и многу други.

 

Постапокалиптичните приказни се актуелни во светската кинематографија, меѓутоа, македонската кинематографија не можеше да се пофали со ниту еден филм од овој жанр.

Но, Вардан Тозија, по успешното деби „Џган“ во 2016, го промени тоа режирајќи го филмот „М“, еден од првите македонски филмови со постапокалиптична тематика.

„М“ го отвори лани Фестивалот на европскиот филм „Синедејс“ во Скопје.

Филмот е копродукција меѓу Македонија, Хрватска, Косово и Франција и станува збор за дистописка бајка во која главен лик е 8-годишниот Марк, кој во суровиот свет обземен од таен вирус е во потрага по својата мајка. Сценариото е на Вардан Тозија и Даријан Пејовски, кинематографер е Влатко Самоиловски, сценографијата е на Кирил Спасески-Кикич, а костимите се на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек. Маскер е Горан Игњатовски.

Улогите ги толкуваат Матеј Сиваков, Сашко Коцев, Александар Ничовски, Тони Михајловски, Камка Тоциновска и Бојана Грегориќ-Вејзовиќ.