Луксузот заштитен знак за аеродромот во Истанбул: Купете си виски за 149.000 евра! !


Аеродромот во Истанбул, на кој се вкрстуваат Истокот и Западот, Северот и Југот,  од почетокот не беше замислен за патници со плиток џеб, туку како луксузно „пристаниште“ за тие што можат да си дозволат купување само луксузен бренд.

Она што сепак привлекува внимание меѓу скапите брендови за облека е  делот во централниот  фри шоп каде што зад заклучени дебели стакла се наредени пијалоци од чии цени се врти свест, со инстант дилемата – колку се тие во светот што можат да си дозволат да платат за виски 149.000 евра, колку што чини едно шише од најскапиот изложен пијалок на производителот „Bowmore”.  

Спакуван како парфем, во специјално дизајнирано шише, ова виски на најпознатиот шкотски производител на виски со исто име од 1779 година стои на централното место. За оваа ексклузивна колекција е одговорен специјализиран продавач кој со задоволство објасни дека цената не е висока заради реткиот уметнички дизајн, туку заради реткоста и квалитетот на овој пијалок што е произведен пред 52 години. Според него, овој исклучително редок „Bowmore” е создаден од најстарите берби  од 1960-тите, кои важат за иконска ера на дестилирањето на овој производител. 

Има ли купувач за виски од 149.000 евра – е прашањето на кое одговорниот продавач вели да, но не станува збор за шеици, емири или принцеви, туку за менаџери или сопственици на компании кои подаруваат скапи пијалоци по склучена „дебела“ зделка.  

И, не беше изненадувачко што меѓу неколкуте најскапи пијалоци освен една серија, сите други беа шкотски виски. Најевтините беа околу 2.000 евра, потоа 10.000 евра, 36.000 евра, 40.499 евра, 99.800 евра,  а според староста беа од 18 години па нагоре. Во тоа шкотско друштво се издвојуваше јапонскиот виски Hakushu чија цена стига до околу 10.000 евра за вискито произведено пред 25 години, а наводно толку се барани што не можат да произведат доволно – за да остарат уште повеќе.