Луксузен кварт во срцето на Европа буквално никнува во морето: Распродадено – цена до 120.000 евра за метар квадратен


Проектот наречен Маретера, кој ќе додаде уште шест хектари на градот-држава Монако, ќе биде завршен за една година.

Се предвидува дека ќе биде завршен речиси осум месеци пред договорениот рок, објави во понеделник компанијата „„Ленс ди Портие““, промоторот на проектот вреден две милијарди евра.

Малото кнежевство со вкупна површина од 2,03 квадратни километри и население од 39.000 лица веќе се прошири на 40 хектари кон морето во 1950-тите, но последниот проект започнат во 2015 година е неспоредлив, дури и кога се споредува со зградите на Блискиот Исток, благодарение на строгите сеизмички и еколошки правила, а исто така и поради длабочината.

Идниот луксузен кварт ќе се гради буквално „на море“, поточно на подводен насип длабок 50 метри. Се наоѓа веднаш до форумот Грималди, конгресниот центар на Монако и вклучува пет згради, вкупно 130 станбени единици и десет вили.

Луксузниот станбен комплекс го дизајнираа италијанскиот архитект Ренцо Пиано и компанијата Vallode et Pistre.

Продажбата на недвижен имот не се доведува во прашање. Досега се продадени речиси сите станбени единици. АФП пишува дека цената на квадрат во Монако може да биде и до 120.000 евра.

Допрва треба да се доизградат градините кои ќе се раззеленуваат, а населбата ќе има шеталиште покрај морето, мало пристаниште и парк достапен за секого.

„Маретера е извонредно достигнување за Монако“, рече Гај-Томас Леви-Сузан, директор на компанијата „Ленс ди Портие“, која ги обединува приватните инвеститори и семејствата од Монако.

„Затоа, можам да кажам дека морето е нов терен што треба да се освои, но не смееме да го уништиме“, рече тој и додаде дека се надева дека со овој проект ќе може да покаже „како е можно“ и дека се можни „рефлексии и добри практики во оваа област“.

Леви-Сузан посочува дека во новоизградената станбена зона, која ќе се наоѓа помеѓу два природни подводни резервати, на карпи и вештачки гребени се пресоздадени нови живеалишта за флора и фауна.