Лукровски ќе ги лечи карпошани, ветување што се граничи со поткуп

Наместо да се залага за поголем квалитет на јавното здравство кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за Карпош ги промовира приватните болници


 

Откако со собирањето отпад низ Карпош не се прослави, кандидатот за градоначалник Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ почна да ветува сѐ и сешто, поминувајќи ја границата  – од политичка програма до политички поткуп.

Веќе цела недела Лукровски шета по приватните болници „Систина“ и  клиниката „ Жан Митрев“ ветувајќи бесплатни прегледи за остееопороза, за очи, за рано откривање и превенција на рак на кожата и бесплатни кардиолошки превентивни прегледи. Без да појасни што значи тоа „бесплатно“ тој остава простор и за работа на ДИК и на обвинителствата, бидејќи тоа асоцира на поткуп, а ако општината ги плаќа тие прегледи на болниците отвора и дилема – како тоа парите на граѓаните така лесно ќе се слеваат во приватни болници и зошто воопшто тоа е активност со која треба да се занимава општина.

Освен што покажа дека е кандидат на олигарси и центри на моќ, Лукровски ја отвора и дилемата – зошто би добил таква поддршка од болниците и за што, ако се покаже дека сепак нема да плаќа со општински пари за тие ветувања.

„Небаре работи за ‘Систина’“, беше реакцијата на Дарко Ристовски од СДСМ на ваквите предизборни ветувања на Лукровски, со забелешка дека, иако на прв поглед ова е убав гест, во позадина постојат работи што не можат да се игнорираат.

„Прво и најважно, таков предлог покренува сериозни етички прашања. Многу е загрижувачки што Лукровски ги користи попустите во приватното здравство како алатка за собирање гласови, таргетирајќи ги ранливите постари граѓани. Оваа практика е ништо друго освен форма на купување гласови, искористување на здравјето и благосостојбата на граѓаните за политичка добивка. Нудењето финансиски стимулации на гласачите не само што е неетичко, туку и го поткопува интегритетот на јавниот демократски процес. Јасно става до знаење дека Лукровски е повеќе заинтересиран за обезбедување гласови отколку за вистинско задоволување на потребите на своите избирачи“, пишува Ристовски.

Сепак, според него, најважно од сѐ е дека  овој предлог го поткопува и јавниот здравствен систем.

„Улогата на градоначалникот е да ги зајакне јавните услуги и да се залага за еднаков пристап до здравствена заштита за сите граѓани. Наместо подобрување на условите во јавното здравство, кампањата на Лукровски сугерира потпирање на приватни услуги, што би можело да го зголеми јазот помеѓу богатите и оние кои не можат да си дозволат такви попусти. Неговите постапки само укажуваат дека јавниот систем е недоволен, наместо да нуди решенија за негово подобрување. Овој пристап е директна шлаканица за вредните лекари, медицински сестри и персоналот на јавните болници кои секојдневно служат на заедницата.

Вистинското лидерство значи подобрување на пристапноста и квалитетот на јавното здравство, а не користење на ранливите групи како адут за преговарање во политичка игра. Старите лица заслужуваат повеќе од празен попуст во приватна институција – тие заслужуваат сеопфатна, квалитетна здравствена заштита достапна за сите, без оглед на нивната економска состојба или возраст. Време е гласачите во Карпош да се прашаат: дали ова е видот лидерство што го сакаме? Лидер кој е подготвен да дава ветувања што ги ослабуваат нашите јавни системи и го претвораат здравјето во комодитет за трговија со гласови? Се гледаме во Сoветот на општина на Карпош каде што јавниот интерес ќе биде приоритет пред приватниот“, заврши Ристовски.

Претходно Лукровски објави фотографии од посетата на клиниката „Жан Митрев“ со оценка дека се гордее што во општина има институција која со својата експертиза, хуманост и визија може да се мери со најдобрите во Европа.

Карпош ќе биде пример како општината и медицината можат заедно да го подобрат животот на луѓето. Жителите ќе имаат можност за бесплатни прегледи за рано откривање и превенција на рак на кожата и бесплатни кардиолошки превентивни прегледи. Со ваквите активности покажуваме дека грижата за здравјето на граѓаните е врвен приоритет и дека Карпош ги користи своите ресурси за доброто на сите“, напиша Лукровски, како да ќе прави клиника од општината. 
 
Претходно вети дека во соработка со „Систина Офталмологија“  се обезбедуваат нови поволности за сите пензионери од Карпош: 
 
-30% попуст на редовен супспецијалистички преглед;
 -30% попуст на предоперативен преглед за катаракта;
 -Бесплатни консултации и теренски скрининг – мерење на очен притисок и шеќер во крв во сите здруженија на пензионери во Карпош;
 -10% попуст на операција на катаракта;
 
Исто така тој објави дека секој месец по 10 жени над 50 години од Карпош ќе можат бесплатно да направат преглед и навреме да превенираат остеопороза.
 
„Како иден градоначалник на Општина Карпош, заедно со мојот тим и во соработка со Клиничката болница ‘Аџибадем Систина’, ја започнуваме иницијативата со која ќе обезбедиме вкупно 480 прегледи во текот на целиот мандат или 120 бесплатни прегледи за остеопороза секоја година“, објави кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, инаку другар на премиерот Христијан Мицкоски.
 
Прашање на ден е кога ќе вети и гинеколошки прегледи, но и без тоа ако се тргнат настрана уникатните и небулозни ветувања на некои аутсајдери во кампањата, овие на Лукровски се најпроблематични и невидени досега во политичката историја на Градот Скопје.