„Лукоил“ размислува да го продаде бизнисот во Бугарија

Руската приватна нафтена компанија „Лукоил“ почна да работи на ревизија на стратегијата на групацијата во Бугарија поради значителна промена на условите. Во соопштението од вторникот се наведува дека ќе се анализираат различни опции, вклучително и продажба на бизнисот.
Засега е нејасно дали во оваа ревизија би можело да бидат вклучени и активностите и бизнисот на „Лукоил“ во Македонија.
„Промената на условите“ во Бугарија најмногу се однесуваат на рафинеријата „Нефтохим“ која е во сопственост на „Лукоил“ и притисокот од ЕУ да се забрани увозот на руска нафта. Со тоа се поврзани и плановите рафинеријата да се модернизира за да работи на неруска нафта.
„Вештачки надуената политичка бура околу претпријатието со голема меѓународна трговска структура, кое не е под санкциите на Европската унија и САД и ги исполнува сите обврски кон државата и вработените, му штети на бизнисот на компанијата ‘Лукоил’, на инвестициската клима во Бугарија и незапирливо го уништува имиџот на републиката во очите на целиот свет“, се вели во соопштението на „Лукоил“.
Руската компанија влезе во Бугарија во 1999 година со купување на рафинеријата „Нефтохим“ во Бургас. „Лукоил“ тврди дека оттогаш во неа инвестирала 3,4 милијарди долари, како и дека има 220 бензински пумпи, 9 депоа за нафта и поседува бродски и авијациски бизнис во Бугарија.
Според проценките на компанијата, во „Лукоил Нефтохим“ треба да се инвестираат 500 милиони евра за рафинеријата да преработува полесни неруски сорти нафта.
Во октомври, швајцарската компанија „Литаско“, која е формален сопственик на рафинеријата за нафта Бургас, објави дека не го продава својот бизнис во Бугарија, откако министерот за финансии Асен Василев во интервју за „Фајненшл тајмс“ рече дека „Бугарија има индиции за интерес за купување на рафинеријата“.