Лукашенко уапси 50 новинари, некои и протера


Шведската амбасадорка Кристина Јоханесон (во средината) доаѓа во полициска станица во Минск да го собере фоторепортерот Паул Хансен по неговото ослободување (Фото: Гети)

Шведски фоторепортер е протеран од Белорусија, на многу негови колеги им се одземени мемориските картички за да нема снимени сведоштва

 

Шведски фоторепортер е депортиран од Белорусија, во време на казнување на локалните и странски медиуми и пред понатамошните масовни протести планирани за овој викенд против претседателот Александар Лукашенко.

Паул Хансен добил 24 часа да ја напушти земјата и му е забрането да влезе во Белорусија пет години. Тој беше еден од 50-те новинари, кој беше одведен од полицијата за немири во четвртокот и однесен во притво, наводно за да може да се проверат нивните документи.

Еден од приведените беше дописникот на Би-би-си од Москва, Стив Розенберг.

Повеќето од новинарите подоцна беа ослободени, но четворица дописници стационирани во Минск беа приведени во текот на ноќта и се појавија на суд во петокот, обвинети за организирање нелегални протести. Во нив биле вклучени фотографот Александар Вазукович и Кацијарина Андреева, известувач на независниот телевизиски канал Белсат.

Лукашенко се чини е решен да ја врати иницијативата по две недели невидени улични собири против неговото владеење во главниот град Минск и во помалите градови. Протестите следуваат по неговата „победа“ на претседателските избори во Белорусија на 9 август, за кои опозицијата и ЕУ велат дека се лажирани.

Во петокот министрите за надворешни работи на ЕУ на состанокот во Берлин се согласија да санкционираат до 20 високи белоруски функционери. Тие беа насочени кон нивната улога во, како што вели ЕУ, „лажираните избори“ и последователното преземање на остри мерки. Поединците сè уште не се именувани и списокот се очекува да расте. Се дознава дека Лукашенко не бил на списокот.

Некои држави на ЕУ сакаа да одат понатаму. Министерот за надворешни работи на Литванија, Линас Линкевичиус, кој ја водеше групата која бара сериозен одговор, рече дека 15-20 имиња „дефинитивно не се доволни“ и „не е сериозна реакција“. Литванија изнесе своја листа со 118 службеници. Оние што се ставени на списокот за санкции во петокот, се соочуваат со забрани за патување во ЕУ а нивните средства ќе им бидат замрзнати во банките на ЕУ.

Претходно Лукашенко го обвини НАТО дека има агресивни планови кон Белорусија. Тој тврди дека западниот воен сојуз сакал да ја собори неговата влада и да го замени со некого што ќе покани странски трупи. НАТО ги отфрли овие тврдења.

Барис Горецки од Здружението на новинари во Белорусија, рече дека неговите членови имаат намера да продолжат да известуваат, и покрај заплашувањето од властите и заканата од затвор.

„Нашите читатели се многу активни. Бараат информации. Нашите колеги ќе продолжат да работат“, рече тој за „Гардијан“.

Горецки рече дека на некои од новинарите кои биле приведени им биле одземени телефоните и фотоапаратите и не биле вратени. Новинарите ќе направат официјален протест следната недела, рече тој.

Тој додаде дека расположението кај граѓаните е оптимистично, при што протестите продолжуваат меѓу различните групи, вклучително и лекарите.

Белоруското Министерство за надворешни работи одби да издаде акредитација на мнозинството странски новинари кои се пријавија. Како резултат на тоа, некои странски новинари влегоа во земјата без официјална акредитација, претставувајќи се како туристи. Повеќе од десетина странски новинари се запрени на аеродромот во Минск во изминатите две недели и им беше забранет влезот.

Хансен – кој работи за шведскиот весник „Дагенс нихетер“ – го опиша апсењето на претставниците на медиумите во Белорусија како „срамота“. Во еден твит, тој се заблагодари на амбасадорката на Шведска, Кристина Јоханесон, која го прибра по ослободувањето во нејзиното службено „волво“.

Друг новинар, Франак Вијачорка, рече дека полицијата ги присилила новинарите да ги избришат фотографиите бидејќи се плашеле да се појават во „Црната книга на Белорусија“. Книгата е евиденција на интернет за наводни злоупотреби извршени од припадници на безбедносните служби на Лукашенко.

Вијачорка твитна: „Тоа е срамота. Новинарите во Белорусија се погодени со оружје, депортирани, фрлени во затвор, им се вршеше рација во хотелите, нивните фотоапарати се смачкани, одземени се мемориските картички. Во државната телевизија им се закануваат на независни новинари. Новинарите се третираат како опасни криминалци. Но, тие се херои“. (Гардијан)