Лукашенко отиде кај работниците по поддршка, тие му извикуваа „Оставка!“


Александар Лукашенко за време на обраќањето пред работниците во фабриката за трактори (Фото: АП)

Ситуацијата за претседателот Лукашенко секој ден станува сѐ понеиздржлива за опстанок

 

Владеењето на Александар Лукашенко во Белорусија доби уште еден удар откако работниците застанаа против него за време на посетата на фабрика во предградието на Минск.

Посетата на државната фабрика за воени возила МЗКТ во понеделникот требаше да покаже дека белорускиот претседател сè уште ја има контролата и ја задржува поддршката на работниците во огромните фабрики кои се столбот на нео-советската економија на земјата, еден ден по најголемиот митинг во поновата историја на земјата против неговото владеење.

Наместо тоа, излегоа видео и аудио од неговиот говор пред избраните работници во фабриката, кои покажаа дека тој се соочил со извици на „Оставка!“ Лукашенко изгледаше потресен, но продолжи да зборува, додека луѓето викаа „лажго“! Претседателот пристигна во фабриката со хеликоптер, веројатно поради безбедносни грижи.

Лукашенко, кој владее со земјата 27 години, посочи дека протестите против него се организирани и финансирани од мрачни странски сили и побара од рускиот претседател Владимир Путин да интервенира.

Кремљ соопшти дека Москва е подготвена да обезбеди помош во согласност со колективниот воен пакт доколку е потребно, но Путин запре со понудата за поддршка или одобрување на Лукашенко, чијшто моќ изгледа растресена со секој ден.

Белоруската опозиција повика на генерален штрајк од понеделник, за да се продолжи со моментумот по масовните протести за време на викендот. Штрајкот се очекува да се прошири на рафинериите за нафта и производителите на ткаенини и ѓубрива, како и на државната телевизија, каде новинарите се пожалија дека се блокирани од покривање на невидените протести во земјата.

Во видео изјава во понеделникот, Светлана Тихановска, лидерот на опозицијата во егзил, рече дека е подготвена да стане „национален лидер“ на земјата, тврдејќи дека победила на претседателските избори минатата недела и повикувајќи ја полицијата „да застане на страната на народот ”

Таа во изјавата рече: „Подготвена сум да ја преземам одговорноста и да служам во овој период како национален лидер за земјата да се смири, да се врати во нормален ритам, така што ќе ги ослободиме сите политички затвореници во најкраток можен рок и да се подготвиме за нови претседателски избори“.

Голем број западни земји остро го критикуваа Лукашенко, а ЕУ подготвува нови санкции кон земјата. Во понеделникот, секретарот за надворешни работи на Велика Британија, Доминик Раб, објави твит: „Насилството врз мирните демонстранти во Белорусија е застрашувачко. Велика Британија не ги прифаќа резултатите од овие лажни претседателски избори и повика на итна истрага преку ОБСЕ и сериозната репресија што следуваше“.

Русија не испрати никаква воена помош за Белорусија како одговор на неодамнешните протести, барем јавно. Аналитичарите велат дека воената интервенција би била крајно ризична.

„Јас ја гледам руската воена интервенција во Белорусија како комплетна и крајна катастрофа и силно се надевам дека таа ќе се избегне“, рече Дмитриј Тренин, директорот на Карнеги центарот во Москва. (Според агенциите)