Лука Дончиќ го плати погребот на убиените деца во ОУ „Владислав Рибникар“


Ден по страшниот настан во Белград, кога 14-годишен ученик со огнено оружје уби осум ученици и чувар во основното училиште во Врачар, а рани уште неколку, малку нереална, но крајно трогателна вест пристигна од САД.

Имено, кошаркарот на Далас Маверикс и словенечката репрезентација Лука Дончиќ реши да ги плати трошоците за погребот на убиените деца.

„Новости“ ја пренесува целата вест која ја пласира најголемиот американски спортски медиум ESPN:

„Како што изјави портпаролот на „Фондацијата Лука Дончиќ“ за ESPN во четвртокот, ѕвездата на Далас Маверикс, Лука Дончиќ, вети дека ќе ги плати трошоците за погреб на убиените деца во основното училиште во Белград, како и психолошко советување за преживеаните.

Дончиќ има длабоки корени кои го поврзуваат со регионот околу главниот град на Србија, од каде што се неговата баба, вујко, вујна и други роднини. Неговиот татко Саша е Србин.

Дончиќ по ова масовно убиство се понуди да помогне, пред сè итно, на краток рок, а планира да се вклучи во каква било помош по трагедијата што се случи во основното училиште „Владислав Рибникар“ во средата.

Дончиќ, кој е роден во Словенија, очекува да се приклучат и други НБА кошаркари кои се од Балканот.

– Срцето ми е скршено поради трагичното пукање во Србија и загубата на животи, меѓу кои и невини деца. По оваа трагедија, моите мисли се со семејствата на жртвите и со целата локална заедница. Преку мојата фондација, барам и непосредни и долгорочни начини да им помогнам на учениците, училиштата и семејствата погодени од пукањето во основното училиште „Владислав Рибникар“. Посветен сум на ова и во оваа прилика ќе ја информирам јавноста за сите детали – изјави Лука Дончиќ.