„Луј – 77 години на сцена“- инспиративни импресии од концертот на првата македонска музичко-образовна институција


 

     На 17 октомври 2022 година, во големата сала на НУ Филхармонија, во 20 часот, се одржа концерт по повод патрониот празник на ДМБУЦ „Илија Николовски- Луј“, Скопје.

            Со овој концерт под насловот „Луј – 77 години на сцена“, се одбележани 77 години од постоењето на првата македонска музичко-образовна институција, основана во 1945 година како „Државна музикална школа“, со прв директор Трајко Прокопиев (1909-1979). Од 1948 година директор на Училиштето станува Илија Николовски-Луј (1913-1973), хороводител и професор по лимени дувачки инструменти. По него е именувано и училиштето, а патрониот празник се одбележува на 22 октомври, денот на смртта на Илија Николовски-Луј.

            До 1977 година, постоеле три одделни институции, Средното музичко училиште, Десетгодишното музичко училиште и Балетското училиште, кои со референдумот одржан таа година, се изјаснуваат за интегрирање во една единствена образовна институција Музичко-балетскиот училишен Центар (МБУЦ).

            При ДМБУЦ, денес постојат основното музичко и балетско училиште, а натаму  учениците може да го стекнат средното образование, со профили: музичар-изведувач, музичар теоретичар, балетски (класичен и современ) играч, и традициски играч и пеач. Со повеќедецениска плодна и успешна работа училиштето ја стекна репутацијата на еден од основните столбови на музичката и балетската култура и образование во Македонија.

            Концертот по повод патрониот празник предизвика огромен интерес кај публиката која, треба да се потенцира, беше во преголем број, и ја преполни големата сала на НУ Филхармонија. Љубителите на музиката и поддржувачите на младите уметници, имале можност да ја проследат програмата со која се претставија учениците од сите профили и насоки. Заедничката работа на учениците и наставниците резултираше со импресивно концертно претставување на музички и танцови дела разновидни по стил, жанр, карактер и емоции, кои задоволија различни вкусови и побудија искрени емоции кај публиката – што и треба да биде примарната улога на музиката.

            Пред да започне концертната програма, на присутните им се обрати Директорката на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, реномирана македонска пијанистка м-р Даница Стојанова. „Гледајќи ве од овде, од сцената, како да го гледам космосот а вие светнати како звезди. Вечерва е се‘ во име на звездите наши, младите ученици под менторство на нашите наставници кои ќе ја раскажат најубавата приказна за ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ –  „77 години на сцена“. А што е тоа ако не дисциплина, труд, работа, истрајност, трпение, мечтаење, радост, тага, љубов, сонување до реалност. Нека блесне музиката, танцот, песната и нека биде љубов. Концептот за концертот и насловот ги имав во глава. Секој концерт ми е посебна приказна, моите колеги сесрдно ме подржаа во истата и така започна ова убаво патување, работење, а заврши спектакуларно и врвно како што доликува на нашиот најголем центар во државата ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Среќна сум што водам колектив за почит, вредни и успешни кадри кои со макотрпна работа ја стават во сенка секоја дамка која се наметнува при секојдневието. Впрочем делата кажуваат и остануваат, тоа е идејата за успехот. Се трудиме да станеме уште посплотени и дејствуваме како едно музичко семејство, да бидеме пример за нашите деца, ученици и одиме по патот кој вели: Ние сме Луј“ – рече Даница Стојанова.

                Концертната програма на свечениот концерт го отвори заедничкиот настап на гудачкиот камерен оркестар при Училиштето и познатиот детски хор „Пиколо“ кој постои од 1988 година под раководство на проф. Весна Димчевска. Под диригентска палка на проф. Фи Фи Ле беа изведени популарни дела од раниот и доцниот романтизам: „Серенада“ од Ф. Шуберт, „Тага“ од Ф. Шопен, и „Ангелски леб“ од Ц. Франк. Следеше настапот на учениците од насоката за класичен балет со впечатливите кореографии од „Копелија“ на Л. Делиб, „Ѓаволеста девојка“ на П. Хертел, Andante affettuoso на Б. Креин, „Бајадера“ на Л. Минкус и „Танц на часовите“ од операта „Џоконда“ на А. Понкинели, подготвени од наставниците Слаѓана Спасеновска, Соња З. Џепаровска, Сања Шутевска, Маја М. Богојевска и Дафина Д. Кочевска. Учениците од насоката за современ танц го претставија делото „STILINESS“ со кореографија на Алекснадра К. Начева и Елена А. Петровиќ – овој настап се издвои како еден од највпечатливите моменти на целиот концерт. Очекувано атрактивен беше настапот на учениците од насоката за традиционална музика и игра со „Корења и цветови“ – вокална изведба според традиционални мотиви со Стефан Трајковски на гајда и автор Вера М. Јосифовска. Соработката помеѓу насоките за традиционална музика и игра и за современ танц резултираше со интересна инструментална и танцова изведба на „Ситна Лиса“ кореографирана од Елена А. Петровиќ со музичкиот аранжман на Роберт Ангеловски.

             Хорот во кој членуваат учениците од теоретскиот оддел, добивајќи со тоа ретка можност да настапат на сцена, преку заедничко музицирање се претставија под диригентско водство на проф. Бехар Весели со убаво селектирани композиции изведени со сигурност, точна дикција и силна мотивираност. Со изведбите на „Viva la musica“ од Д. Л. Брунер, „Rritu moj bajame“ од Ч. Задеја, „Rum dum dum“ од Д. Шуплевски и „Come to the music“ од Џ. М. Мартин. Во изведбите учествуваа Нита Груби (пијано) и Јосипа Василевска (флејта).

            Концертот продолжи со омаж кон творештвото и ликот на познатиот македонски пеач, Тоше Проески, во знак на 15 години од негова смрт, со песната „Тајно моја“ во аранжман од Д. Темков и Б. Весели – дел од концертот кој пробуди особено силни импресии и емотивност. Во изведбата учествуваа женскиот хор, гудачкиот оркестар и солиската Драгана Јовановска (вокал, под менторството на проф. Ана Костадиновска), а со нив раководеше диригентот Фи Фи Ле.

            Креативната соработка на младите музичари дојде до израз и во завршницата на концертот, со изведбата на три става од суита бр. 1 „Арлезијанка“ од Ж. Бизе – Увертира, Менует и Кардион, од симфонискиот оркестар на средното училиште, под диригентската палка на Фи Фи Ле. За некои ученици од инструменталниот оддел тоа беше и прв сценски настап во оркестарот кој им овозможи да ги доживеаат емоциите и да уживаат во заедничкото музицирање, добивајќи дополнителна мотивација за натамошното движење по својот изведувачки пат во областа како на колективно, така и на солистичко музицирање.

            Во целост, концертот „ЛУЈ – 77 години на сцена“ стана исклучителен културен настан, со големо значење не само за ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ и младите уметници-ученици, туку и значаен момент за збогатувањето на културниот живот на градот, топло прифатен од професионалната јавност и поширокиот круг на љубителите на уметноста.

 

Нора Бајрами, музиколог