Луис Енрике веќе не е селектор на Шпанија


Шпанија– Два дена по елиминацијата од Мароко во осминафиналето на Светското фудбалско првенство, Луис Енрике ја напушти должноста селектор на Шпанија. 

Енрике, кој ја презеде Шпанија во мај 2018 година, по претходното Светско првенство 2018 во Русија, имаше важечки договор со Фудбалската федерација на Шпанија (РФЕФ) до кракот на оваа година. 

„РФЕФ им се заблагодарува на Луис Енрике и неговиот стручен штаб за ангажманот поврзан со националниот тим во последните четири години. Спортското раководство на Федерацијата поднесе извештај до претседателот одлучно во намерата дека треба да се почне со нов проект со цел да продолжи растечкиот тренд постигнат последните години“, се наведува во официјалното соопштение. 

Шпанија, која беше во поширокиот круг кандидати за освојување на светската титула на Мундијалот во Катар доживеа сензационална елиминација на пенали од Мароко. 

Само неколку часа откако потврди дека Луис Енрике веќе не е селектор на националниот тим, Фудбалската федерација на Шпанија (РФЕФ) објави попладнево дека за негов наследник на должноста е назначен 61-годишниот Луис де ла Фунте.

„Луис де ла Фуенте е нашиот избор за нов шпански селектор“, соопшти РФЕФ.

Де ла Фуенте од 2013 година е вклучен во работата со младите шпански селекции, а од 2018 година беше селектор на репрезентацијата до 21 година со која во 2019 ја освои европската титула, како и сребрен медал на Олимписките игри во Токио.