Луѓето со оваа крвна група имаат поголем ризик од мозочен удар


Неодамнешното истражување ја откри врската помеѓу крвните групи и мозочниот удар!

Научниците од САД открија врска помеѓу крвната група и мозочните удари. Значи, луѓето со крвна група А имаат 16 отсто поголем ризик да добијат мозочен удар пред 60-тата година од животот.

Од друга страна, крвните групи Б и АБ имаат мало или никакво влијание врз ризикот од мозочен удар, покажа студијата. Исто така, младите луѓе со нулта крвна група имаат 12 отсто помали шанси да го искусат.

Анализата на 7.000 пациенти со мозочен удар и речиси 600.000 здрави луѓе од различни студии покажа силна врска помеѓу крвната група и ризикот од ран мозочен удар, кој се јавува кога протокот на крв во мозокот е прекинат.

Неврологот Стивен Китнер од Универзитетот во Мериленд тврди дека сè уште не се на прагот да откријат зошто крвната група А би претставувала поголем ризик. Претходните истражувања покажаа дека оние со крвна група А имаат малку поголем ризик од развој на згрутчување на крвта во нозете – позната како длабока венска тромбоза.

„Но, веројатно има врска со факторите на згрутчување на крвта, како што се тромбоцитите и клетките што ги обложуваат крвните садови, како и други циркулирачки протеини, а сите тие играат улога во развојот на згрутчување на крвта“, заклучил докторот.