Луѓето се уморни од чекање: Сиљановска на Процесот Брдо-Бриони


 

Само на два начини се празни чекалната на Европската унија наречена Западен Балкан: со интегрирање на земјите од овој регион во ЕУ или преку иселување на луѓето, особено младите, кои, како што посочи, се уморни од чекањето за членство на нивните држави во Европската унија и се интегрираат по брза постапка, по скратен пат, неретко и со пасош на туѓа држава, рече во своето обраќање претседателката на македонија, Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Процесот Брдо-Бриони во Тиват, Црна Гора.

Според неа, ваквата демографска закана е опасна не само за економијата, туку и за демократијата, бидејќи има сѐ помалку граѓани што значи и сѐ помал притисок врз властите за европски реформи, за владеење на правото и борба против корупцијата, за демократски вредности и почитување на човековите права и слободи.

„Процесот Брдо Бриони треба да ни помогне, оваа чекална наречена Западен Балкан да се испразни преку интегрирање на државите, а не мигрирање на граѓаните. Процесот ќе ја исполни својата цел тогаш кога и последната држава заглавена во овој гео-политички регион ќе стане полноправна членка на Унијата и кога жаргонот Западен Балкан ќе го испратиме во историјата, и тоа не подоцна од 2030-та година“, рече Сиљановска-Давкова.

Претседателката посочи дека е неопходно сите земји да се третирани еднакво и напредувањето кон ЕУ да биде резултат на достигнувањето на европските реформи и критериуми поврзани со европското законодавство.

„Како држава што е посветена на добрососедството и регионалната соработка, ние ги почитуваме билатераланите договори со нашите соседи и очекуваме и нашите соседи да ги почитуваат договорите без да го злоупотребуваат правото на вето“, рече претседателката.

Според македонската претседателката европската реинтеграција, односно реунификација е незавршена без нас, оти поделбата на запад и исток е вештачка и мора да се надмине. Како што посочи, целосната интеграција на Балканот во ЕУ ќе стави крај на бескрајното прекројување на границите, како и на балканизацијата како феномен.

Во време на геополитичка неизвесност, сметаме дека промовирањето на дијалогот е дел од решението, изјави претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, на прес-конференција во рамките на самитот на Процесот Брдо-Бриони.

Тој рече дека му претставува голема чест да биде домаќин на овој самит, а заедничката порака на претседателите на земјите учеснички е „дека нашиот простор има заеднички вредности, мир и просперитет“.

„Европската унија не е целосна без земјите од Западен Балкан, длабоко сум убеден дека успехот на Црна Гора ќе биде поттик за сите други земји во регионот и дека ќе претставува голем чекор напред“, рече Милатовиќ.

Тој го пофали Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој го нарече стимулирачка алатка.

Тој истакна дека демократскиот развој не треба да се зема здраво за готово,

„Долгорочната регионална стабилност подразбира добрососедски односи, соработка во добра волја… Црна Гора е и секогаш ќе биде земја која е посветена на добрососедските односи и стабилност“, рече Милатовиќ.

Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ изјави дека процесот за членство во ЕУ трае со години, дека го обележуваат состаноци кои се одржуваат еднаш годишно, а администрацијата на ЕУ не е ефикасна.

„Ниту еден процес на ЕУ не доведе до ништо. Ова е форма на комуникација меѓу луѓето и државите, ЕУ е инертен состав во кој влегоа Словенија и Хрватска и во кој имаме корист, но не гледам никаква идеологија во тоа. “, рече Милановиќ.

Тој рече дека ако се одложи понатамошното проширување на ЕУ, државите ќе го изгубат трпението и дека задача на Хрватска е да ги охрабри тие држави.