Луѓето не си ги знаат правата, па не си ги остваруваат


Во рамки на одбележувањето на Европскиот ден на правдата 25 октомври Адвокатската комора на Република Северна Македонија денеска во Апелацискиот суд организираше отворен ден, каде граѓаните на средби со адвокатите се информираа за своите основни права во повеќе области.

Одбележувањето на Европскиот ден на правдата, според адвокатот Димитар Петровски, е важно за луѓето да се запознаат со своите права и да знаат како може да ги остварат, што пак ќе влијае на демократизацијата на самото општество.

– Не само луѓето што имаат конкретен проблем да дојдат, туку и луѓе кои воопшто немаат никаков проблем, затоа што ќе се запознаат со она што понатаму може да го искористат и ќе им користи во животот, изјави Петровски.

Посочи дека во пракса многу луѓе поради непознавање на одредени права, утврдени со Устав или посебни закони, често се случувало да не може да ги остварат.

– Тоа мислам дека влијаело на губење на нешто што им следува. Од тие причини одбележување на вакви настани, не само денеска, туку и во иднина каде би била давана бесплатна правна помош би било значајно за самите граѓани, изјави Петровски.
Според адвокатот Андреј Георгиевски, во рамки на отворениот ден граѓаните може да се информираат и добијат совети како да ги остварат своите права во постапките што ги водат или би сакале да ги поведат.

По повод одбележувањето на Европскиот ден на правдата денеска на повеќе локации се организираат отворени денови во судовите, средби на адвокатите, судиите, медијаторите, нотарите со граѓаните, давање информации и совети на граѓаните, симулации на судење, организирање локални конференции и слично.
Освен Адвокатската комора, во рамки на одбележувањето на Европската недела на правда, отворени денови организираат и Нотарската комора и Комората на медијатори на Република Северна Македонија.
Во 2003 година, Советот на Европа донесе одлука 25 октомври да се одбележува како Европски ден за граѓанска правда. Намерата на одбележувањето на Европскиот ден на граѓанска правда е на граѓаните на Европа да им овозможи одблизу да бидат запознаени со нивните основни права во повеќе области, како и можност да се запознаат со функционирањето на системот на правосудството.