Луѓето, а не головите се моето богатство: Постхумно промовирана биографската книга за Васил Рингов


Во емотивна атмосфера , исполнета со многу сеќавања, анегдоти и голема почит , синоќа, во преполната книжарница „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ беше промовирана биографската книга „Фудбал под сенка“ , посветена на легендарниот македонски фудбалер Васил Рингов , во авторство на новинарот Срѓан Ивановиќ.

Книгата излегува постхумно, неколку месеци по смртта на Рингов, кој активно беше вклучен во нејзиното создавање. Денот на промоцијата, пак, се поклопи со датумот на неговото раѓање.
Делото, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, беше претставено од авторот Ивановиќ, уредничката Бисера Бендевска и едниот од синовите на славниот фудбалер – Марио Рингов. 

„Фудбал под сенка“ на искрен и непосреден начин ја раскажува животната и спортската приказна на Рингов – еден од најзначајните фудбалери во македонската и југословенската историја, чие име е тесно поврзано со успесите на ФК Вардар. Книгата нуди увид не само во неговата богата кариера, туку и во личните предизвици, размислувањата и вредностите што го формирале како спортист и како човек.

„Конечно добив шанса да ја раскажам мојата приказна без некој новинар да ме цензурира или да не сака да го објави тоа што сакам да ѝ го соопштам на јавноста. Конечно можам да зборувам за сите работи што ми тежат на срце. Конечно можам да ја раскажам мојата приказна. Головите никогаш не ме интересирале, па затоа не сакам да зборувам за нив. Освен неколку битни погодоци, не мислам дека тоа треба да биде моето наследство. Сакам да зборувам за фудбалот, за ФК Вардар, за луѓето. За луѓето што ги обележаа мојот живот и мојата кариера…“, се вели во воведниот дел на книгата, напишана во прво лице, каде што нараторот е самиот Рингов.

Сопругата на Рингов, Виолета

Уредничката Бисера Бендевска синоќа спомена дека насловот на книгата „Фудбал под сенка“ има двојно значење. Рингов многу сакал да игра фудбал под сенка од дрвја, а како човек бил ненаметлив, па и покрај сите негови успеси сакал да делува како човек од сенка. 

Синовите, сопругата и внуците на Рингов, со дресот од клубот „ФК Тетекс“ каде што Рингов играше во 1970-тите. Им го подари Стојмир Урошевиќ – Цоле, легендарен фудбалер на ФК „Тетекс“

„Честопати знаеше да каже дека фудбалот му овозможил да го види светот, но дека луѓето што ги запознал по пат се неговото најголемо богатство. Работевме полека, со многу емоции, и верувајте, имаше моменти кога со часови само се смеевме на неговите анегдоти. Книгата е напишана во прво лице токму за да се зачува тој негов специфичен глас и начин на раскажување. Се надевам дека читателите ќе го почувствуваат тоа додека ја листаат секоја страница. Се среќаваме некаде и со часови тој раскажуваше, јас запишував и снимав. Имам една снимка во компјутерот која е долга седум и пол часа“, рече авторот Ивановиќ.

На промоцијата дојде уште една фудбалска легенда, Дарко Панчев кој изјави дека тој бил лидер на две генерации во ФК „Вардар“.

„Со вирус сум цела недела, но за Васе ако треба и со една нога ќе дојдев на ваков настан. Сакам само да кажам една многу битна работа за нас како генерација помлади, сепак е Васе од мене 10 години постар, колку беше големо неговото значење во ‘Вардар’. Тој опфати две генерации, една постара, и потоа продолжи да игра и со нас помладите кои се вклучивме по пет-шест години. И многу е битно дека тој беше лидер во двете генерации. Беше исклучително интелигентен, паметен и забавен. За играчките способности не се зборува, феноменален играч. Васе, јас и Горде Здравков кој исто е тука, како напаѓачка тројка напред бевме најефикасни во тоа Југословенско првенство една година. И навистина бевме страв и трепет, и беше големо задоволство да се игра со него. За неговите човечки врлини, синот Марио и фамилијата знаат повеќе, но и ние многу добро го знаеме и навистина беше топ човек. Нѐ изненади сѐ ова што се случи пред некој месец“, рече видливо емотивниот Панчев.

На промоцијата зборуваше и синот на легендарниот фудбалер, Марио Рингов.

„Иако не успеа да ја види финалната верзија, знам дека би бил многу горд на ова што го направивме. Татко ми беше човек кој секогаш велеше дека фудбалот му е работа, но семејството и пријателите му се животот. Тој не беше само фудбалска легенда, туку и наш херој, човек со огромно срце и ведар дух кој знаеше како да нè насмее дури и во најтешките моменти. Се надевам дека преку оваа книга ќе успеете да го запознаете Васе онака како што ние го знаевме, како човек кој го сакаше животот, ја сакаше музиката и ги сакаше луѓето. Ви благодарам уште еднаш што дојдовте да го споделиме овој момент заедно“, рече Марио Рингов.

Васил Рингов е роден на 17 април 1955 во Струмица. Кариерата ја започнал во ФК Беласица, како тинејџер кратко време бил дел од ФК Партизан, а вистински се афирмирал во ФК Тетекс, каде што станал клучен играч. Најголемиот успех го постигнал со ФК Вардар, со кој изборил пласман во Првата југословенска лига и станал водечка фигура во текот на 1980-тите. За клубот одиграл над 200 натпревари и постигнал 93 гола.  Во кариерата имал и кратки настапи во Динамо Загреб и во Ајнтрахт Брауншвајг. Почина на 23 декември 2025 г. во Скопје, на 70-годишна возраст.

Срѓан Ивановиќ (роден 1977) е писател и истакнат новинар со долгогодишна кариера во медиумите. Покрај новинарството, се занимава и со едукација, одржувајќи обуки и предавања на тема Медиумската писменост и уметноста на јавниот настап. Како автор, досега има објавено два романа – „Писма од лудница“ („Арс Ламина“, 2023) и „Крвава уметност“ (самостојно издание, 2015). (Л.С.)

Фото: Т. Ранташа

Авторот Ивановиќ рече дека насловот го смислил познатиот спортски новинар Тони Зографски, на една нивна средба заедно со колегата Милорад Стојмановски, долгогодишен спортски новинар. Идејата да се напише книгата била на Стојмановски, на една заедничка средба со Ивановиќ и Рингов