„Луфтханза“ приземји 150 авиони поради корона вирусот


Германскиот авиопревозник „Луфтханза“приземји 150 авиони од вкупно 770 воздухоплови, колку што го сочинуваат возниот парк на авиокомпанијата. Причина е корона вирусот, јави „Ројтерс“.

„Ние динамично ги прилагодуваме нашите планови кои ги рефлектираат вонредните околности“, рече портпаролот на „Луфтханза“, додавајќи дека 25 од 150 приземни авиони се со летала за долги релации. Минатата недела „Луфтханза“ соопшти дека приземјила 23 авиони кои летале на долги релации.

Шефовите на европските авиокомпании предупредија во вторникот дека најлошото во авио-индустријата допрва доаѓа, мислејќи на економската штета заради корона вирусот, но според нив побарувачката за патувања би можела да се стабилизира во наредните недели.

Групацијата „Луфтханза “, која ги опфаќа и „Свис“, „Браселс“ и Остриан ерлајнс“, во петокот соопшти дека ќе го намали бројот на летови на кратки и средни релации до 25 отсто во наредните недели, во зависност од ширењето на корона вирусот.

„Луфтханза“ во понеделникот соопшти дека ја продолжува суспензијата на летовите кон Кина до 24 април, за Техеран до 30 април и дека ги намалува услугите кон северна Италија заради појава на корона вирусот.

Од компанијата велат дека е премногу рано да се процени влијанието врз нејзините приходи. Извештаите за работењето се очекува да бидат објавени на 19 март.