Луфтханза ќе ги пребукира откажаните летови, ќе враќа заглавени во странство

Авиокомпанијата „Луфтханза“ испрати денес известување дека ќе ги букира повторно сите летови што се откажани а биле планирани до 31 март, дека ќе организира летови за враќање на заглавените државјани и дека со специјални методи ги чисти авионите така што воздухот во нив е побезбеден од тој надвор.

– Ширењето на коронавирусот изминативе денови и недели влијае на животот на луѓето ширум светот и сите ние сме соочени со големи предизвици. Авијациската индустрија се соочува со невидени тешкотии, поради што моравме постојано да ги намалуваме нашите летови во текот на изминатите неколку недели. Свесни сме дека на крајот не бевме секогаш во можност да ви го понудиме нивото на услуга што сте го очекувале од нас.

Воздухот во нашите кабини на авионите е мешавина од свеж воздух и циркулирачки воздух што е филтриран. Употребата на специјални филтри значи дека воздухот во кабината е всушност почист од воздухот што го вдишуваме на земјата. Покрај тоа, нашите методи за чистење на авионите ги исполнуваат највисоките стандарди и ние постојано ги прегледуваме за да се осигураме дека ги исполнуваат најновите препораки за хигиена, а со цел да се направат измени доколку е потребно.

Поради многуте зголемени патни ограничувања во Европа, како и надвор од европските граници, ние ќе можеме да понудиме минимален број летови во наредните неколку недели. Во моментот, правиме се што можеме за да вратиме илјадници луѓе дома, кои се заробени во странство, заради локалните ограничувања на патувањето. Изминативе денови веќе извршивме бројни летови за репатријација и планираме многу други во соработка со соодветните влади. Ако во моментот сте се уште во странство и сакате да се вратите дома, контактирајте ги вашите локални амбасади или странски канцеларии што е можно побрзо“, стои во соопштението на компанијата која е дел од групацијата со „Аустрија ерлајнс“.

Компанијата притоа дополнува дека сите сопственици на откажани летови можат да го чуваат  билетот и да се одлучат  за алтернативен датум за нов лет, и тоа не веднаш.

-Вредноста на вашиот билет нема да истече и дури ќе добиете попуст од 50 евра на вашата повторна резервација. Вие исто така може да букирате за друга дестинација. Ова се однесува на билети резервирани до 31 март 2020 година и кои имаат потврден датум на патување најдоцна до 31 декември 2020 година, стои во соопштението на компанијата.